Груевски од денеска во Кореја
Владината делегација на чело со македонскиот премиер Никола Груевски по посетата на Јапонија, од денеска ќе престојува во Република Кореја.
Македонската делегација пред корејските бизнисмени ќе ги презентира поволните услови за инвестирање во Македонија. Бизнис форумот, што ќе се одржи во Сеул, е организиран во соработка со „Фајненшл Тајмс“.
Според информациите од македонската Влада, посетата на државите од азискиот континент ќе биде заокружена со посета на Специјалниот административен регион Хонг Конг, кој е дел од Народна Република Кина. Премиерот Груевски ќе оствари средба со претседателот на Извршниот совет на Хонг Конг, Ленг Чун-јинг, а ќе ја посети и хонгконгшката болницата Квин Мери (Queen Mary), каде ќе разговара за соработка во областа на здравството, а ќе се обрати и на бизнис форум организиран од „Фајненшл Тајмс“.
Во Народна Република Кина македонската делегација ќе го посети и градот Гуангжу кој претставува седиште на мултинационалната компанија „Веибо“ која веќе има донесено одлука за инвестирање во Македонија и отворање на фабрика во североисточниот реон со која ќе се отворат околу 5.000 работни места. Планирани се средби и со политичките претставници на регионот Гуангдонг.
Пред Кореја, македонската делегација ја посети Јапонија каде премиерот Груевски се сретна со принцот Нарухито и со премиерот Шинзо Абе. На бизнис форум беа промовирани поволностите за инвестирање, а во функција на овозможување на услови за соработка во областа на здравството, беше реализирана и средба со менаџерскиот тим на болницата Токио Џенерал Хоспитал.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа