Адеми го потпиша договорот за учество во програмата „Хоризонт“ на ЕУ
Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми во име на Владата денеска во Брисел во Генералниот директорат за истражување и иновации на Европската Комисија, го потпиша Меѓународниот договор помеѓу Република Македонија и Европската унија за учество во Рамковната програма за истражување и иновации - “Хоризонт 2020“.
- Договорот што го потпишуваме за нашата научно-истражувачка и бизнис заедница ќе обезбеди можност за поблиска соработка во постигнување на заедничките цели - економско опоравување на Европа и надминување на најголемите проблеми што го загрижуваат народот, рече министерот Адеми.
Во своето обраќање Адеми се осврна и на активностите кои ги реализираше Владата во изминатите две години, а кои придонесоа кон потпишувањето на договорот, како: усвојувањето на Стратегијата за иновации 2012-2020, новиот закон за иновации, Законот за научно-истражувачка работа, потпишувањето на Регионалната истражувачко-развојна стратегија за иновации за Западен Балкан, основањето на Фондот за иновации и технолошки развој, како и имплементацијата на проектот за набавка на лаборатории за потребите на јавните научни и високо образовни установи во земјата.
- Активното учество на Република Македонија во програмата обезбедува интернационален пристап во истражувањата и иновациите на научната и бизнис заедница од земјата, поттикнување на мобилност, трансфер на знаења и технологии, како и пристап до врвна експертиза во соодветните области, се наведува во соопштението од МОН.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа