Голем интерес за огласот на Собранието за ангажирање лица на јавни функции
Има голем интерес за огласот за пројавувањe интерес за ангажирање лица за повеќе јавни функции што го распиша Собранието, а кој вчера беше дополнет. Имајќи предвид дека завршува на 20 јули, очекувањето е дека интересот ќе се зголеми во наредниот период, информираше денеска претседателот на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата Зоран Илиоски.
Посочи дека со новиот оглас се бараат компетентни и високо мотивирани кандидати за позициите генерален секретар на Државната комисија за спречување на корупцијата, седум членови на Комисијата за заштита од дискриминација и генерален секретар на Комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, пренесе МИА.
Дополнување на огласот има и во однос на доставувањето на сертификатот за положен психолошки тест за интегритет за места во Дирекцијата за заштита на лични податоци, Комисијата за решавање по жалби од областа на енергетиката, Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер и во Комисијата за жалби по јавни набавки.
Крајниот рок за поднесување на пријавите е 20 јули. - Сите пријавени кандидати имаат еднакви шанси да бидат примени согласно нивното образование и искуство, без разлика на полова, верска, партиска и национална припадност, истакна Илиоски.
Огласот не е законска обврска, но, рече пратеникот, цениме дека на овој начин им се дава можност на што поголем број на способни луѓе да аплицираат и воедно се збогатуваат принципите на демократијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа