Ќе не сопираат полицајци за да ни зборуваат за пожарите
Одделението за превенција при СВР Скопје денеска на клучката пред паркот во општина Сопиште, ќe стартува со превентивни активности за реализација на проектот „Лето без пожари“. Целта на овој проект е заштита и зачувување на зелените шумски и останати површини од пожари во непосредна близина на патиштата, како и зајакнување на довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните.
Активностите ќе се реализираат во соработка со локалната самоуправа, ЈП Јасен, Шумска полиција и Противпожарно друштво од Општина Сопиште.
Формираните тимови заедно со униформирани полициски службеници од Мобилната полициска станица Кисела Вода, ќе преземаат превентивни мерки и активности со цел спречување на појава на пожари во летниот период.
Според предвиденото, активностите ќе се реализираат така што полициски службеници ќе остваруваат контакти со граѓаните во соработка со локалната заедница. На локалните и регионалните патишта по случаен избор ќе сопираат патнички моторни возила и на возачите ќе им укажуваат за ризиците од појава на пожар и штетите од евентуалната негова појава.
По краткото укажување за целта на кампањата на возачите ќе им се подели пропаганден материјал и ќе им се посака безбедно и пријатно патување. Полициските службеници за превенција на возачите на патничките моторни возила ќе им подарат освежувачи за воздух со логото на проектот како гест за градење на доверба помеѓу полицијата и возачите на патнички моторни возила.
Како што најавуваат од МВР, активностите ќе продолжат во текот на летниот временски период на локации на излезите на магистралните и регионалните патишта, како места со голема фрекфенција на возила и луѓе, а со самото тоа со зголемен ризик од предизвикување на пожари, но и големи можности за постигнување на планираните резултати.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа