Груевски во лов на инвестиции во Јапонија, Кореја и Кина

 

Mакедонскиот премиер Никола Груевски од денеска ќе престојува во неколкудневна посета на повеќе држави од азискиот континент, Царството Јапонија, Република Кореја и Народна Република Кина.

Во состав на владината делегација која ќе го посети азискиот континент се и вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, Бил Павлески, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Виктор Мизо и владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

Според информациите од македонската Влада, премиерот Груевски и делегацијата на Владата ќе остварат политички средби со претставници на овие држави, региони и области, ќе присуствуваат и ќе се обратат на бизнис форуми организирани од Фајненшл Тајмс за презентација на поволностите кои нашата земја ги овозможува за реализација на странски инвестиции, а ќе остварат и посета на болници во функција на засновање на соработка во здравството. Делегацијата и премиерот Груевски ќе имаат и средби со менаџерски тимови на компании кои се заинтересирани за инвестиции во Македонија или пак имаат донесено одлуки за инвестиции, како и со претставници на економски субјекти со кои нашата земја остварува соработка.    

Груевски од денеска ќе престојува во официјална посета на Царството Јапонија, каде ќе се сретне со принцот Нарухито и со премиерот Шинзо Абе, и со други политички или економски функционери од Јапонија.

Македонската владина делегација во Токио ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форум за промоција на поволностите кои Република Македонија ги нуди за реализација на странски инвестиции, кој се организира во соработка со Фајненшл Тајмс.

Премиерот Груевски ќе се сретне и со менаџерскиот тим на болницата Токио Џенерал Хоспитал (Тokyo General Hospital).

Делегацијата ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форум организиран во соработка со Фајненшл Тајмс, за презентација на добрите услови за инвестирање во Република Македонија, кој ќе се одржи во Сеул, Република Кореја.

Владината делегација ќе го посети и Специјалниот административен регион Хонг Конг, кој е дел од Народна Република Кина. Премиерот Груевски ќе оствари средба со претседателот на Извршниот совет на Хонг Конг, Ленг Чун-јинг.

Делегацијата на чело со премиерот Груевски ќе ја посети хонгконгшката болницата Квин Мери (Queen Mary), каде ќе се разговара за соработка на двете страни во областа на здравството, а ќе се обрати и на бизнис форум организиран од Фајненшл Тајмс.

Делегацијата на Владата во Народна Република Кина ќе го посети градот Гуангжу кој претставува седиште на мултинационалната компанија „Веибо“ која веќе има донесено одлука за инвестиција во Република Македонија и отворање на фабрика во североисточниот реон на нашата земја каде што е предвидено вработување на 5.000 лица во рамки на капацитетите на компанијата. Владината делегација ќе оствари средба со врвниот менаџерски тим на компанијата „Веибо“ каде што ќе се разговара за понатамошната реализација на инвестицијата и за можности за понатамошна економска соработка. Премиерот Груевски ќе оствари и средби со политичките претставници на регионот Гуангдонг. 

30.06.2014 - 08:41
Фото: 
Новини.мк
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега