Ранливите категории граѓани бесплатно ќе легализираат дивоградби

 

Примателите на социјална и постојана парична помош и лицата со ниски примања, со измените на Законот за катастар ќе можат беспалтно да ги легализираат дивоградбите.

Oва денеска го посочија министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и директорот на Агенцијата за катастар и недвижности Славче Трпевски.

Тие објаснија дека со измените, лицата од социјално ранливите категории целосно ќе бидат ослободени од трошоците во постапката на легализација на дивоградбита, а геодетските елборати ќе ги изработува Агенцијата.

Примателите на социјална и постојана парична помош ќе треба да обезбедат потврда од центрите за социјална работа, а оние со ниски примања до 168.000 денари годишно потврда од Управата за јавни приходи, а потоа можат  во подрачните одделенија  на Агенцијата за катастар  на недвижности да поднесат барања за бесплатен елаборат за легализација.

- Главниот ефект од  оваа нова мерка е пред се да бидат опфатени што повеќе лица, кои се наоѓаат во потешка материјална состојба. За таа цел се предвидува задолжително водење  регистар  од страна на општините за поднесени барања за легализација во електронска форма. На тој начин, Министерството ќе има можност да ги поттикне сите корисници приматели на социјална и постојана парична помош кои не поднеле  барања за бесплатен елаборат за легализација до Агенцијата за катастар на недвижности, тоа да го направат што поскоро, објасни Спасов.

Сите оние, потенцираше министерот, кои ќе извршат легализација на објектите каде што живеат нема да го изгубат правото на социјална и постојана парична помош. Оваа владина мерка се очекува дека ќе ја искористат 34.000 приматели на социјална помош и 5.000 приматели на парична помош. 

Трпевски објасни дека Агенцијата за катастар на недвижности ќе врши премер на недвижностите по службена должност за примателите за социјално ранливите категории граѓани, за што има доволни капацитети, односно има вработено 150 геодетски инженери и 250 геодетски техничари.

Директорот на Агенцијата посочи дека почнале со формирање Регистар на цените на недвижностите во Република Македонија, кој ќе содржи податоци за сите продажби и закупи на недвижностите достапни за граѓаните на интернет, а треба да профункционира во првата половина на 2015 година. Агенцијата, додаде Трпевски, ќе објавува квартални, полугодишни и годишни извештати и анализи за движењето на пазарот на недвижности.

- Бенефит од овој проект ќе имаат граѓаните, кои ќе можат да ја проверат цената на недвижноста пред да ја купат, придобивки ќе имаат и проценителите, банките, осигурителните компании, агенциите за недвижности и други субјекти, што ќе го користат регистерот на цени во секојдневната работа, рече Трпевски, додавајќи дека ќе се водат податоци и за година на градба и реконструкција  на објектот и материјалот на градба.

Директорот на Агенцијата потсети дека почна имплементација и на проектот Електронски шалтер „24 часа катастар онлајн“, наменет за професионалните корисници на услугите на Агенцијата. Преку овој шалтер Агенцијата е поврзана со сите нотарски канцеларии, приватните геодетски компании и општините. 

29.06.2014 - 13:40
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа