Иванов-Фишер: Македонија може да смета на австриската поддршка

 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Сараево оствари работна средба со Претседателот на Република Австрија, Хајнц Фишер.

На средбата двајцата претседатели разменија мислења за билатералните односи и соработка помеѓу Република Македонија и Република Австрија, политичките и економските состојби во Република Македонија, интеграцијата во Европската унија и во НАТО, како и за состојбите во регионот.

Претседателот Иванов и претседателот Фишер констатираа одлични билатерални односи меѓу двете земји и динамична соработка во повеќе области. Двајцата претседатели ја нагласија потребата и очекувањето дека во наредниот период двете страни ќе се фокусираат на уште позасилена економска соработка.

Во контекст на европските аспирации на Република Македонија, претседателот Иванов изрази благодарност за постојаната силна поддршка од страна на Република Австрија.

Претседателот Иванов го повтори ставот дека отворањето на пристапните преговори за членство во Европската унија останува најважна цел за Република Македонија, посочувајќи дека тоа несомнено ќе придонесе за јакнење на мултиетничката кохезија во Република Македонија, за засилување на реформските процеси и за поуспешно соочување со предизвиците.

„Република Македонија е решителна во исполнувањето на поставените стратешки цели, членството во Европската унија и во НАТО. Република Македонија ги исполни сите критериуми за членство во Алијансата и е подготвена веднаш, неодложно да ја започне следната фаза во интеграцијата во ЕУ. Република Македонија бара еднаков и фер третман од земјите-членки на ЕУ, односно очекуваме позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на билатералните прашања да биде применет и во нашиот случај. Република Македонија истовремено бара почитување на меѓународното право и на меѓународните обврски. Членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО не е придобивка само за нас, туку и за унијата, и за алијанската и за нашиот регион“, порача македонскиот претседател.

На средбата претседателот Фишер истакна дека е потребно да се интензивираат напорите за следниот чекор во интеграцијата во Европската унија и дека Република Македонија, како и досега, може да смета на австриската поддршка.

 

 

 

29.06.2014 - 10:31
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа