СДСМ го повикува Зврлевски на ТВ дуел
Повеќе од очигледно е дека јавниот обвинител Марко Зврлевски наместо да ги испита сериозните индиции за тешкото кривично дело во коешто е инволвиран Никола Груевски, се трудел да сработи образложение со коешто ќе го амнестира Груевски од одговорност.
Јавниот обвинител Зврлевски го оправдува противзаконското посредување при примање на милионскиот поткуп со застареност. Со тоа Зврлевски призна дека има кривично дело во случајот Македонска банка.
Уште поважно, Зврлевски не негира дека постои кривично дело даночно затајување од 225.000 евра направено од страна на Никола Груевски. Обвинителот ја отфрлува пријавата со оправдување дека немал докази за тоа дело.
Тоа значи дека за Зврлевски аудио снимката не е доволен доказ за постоење основ на сомнеж дека е сторено кривично дело даночно затајување.
Како јавниот обвинител Зврлевски без да ги повика и да ги сослуша учесниците во разговорот, дошол до тој заклучок?
Зврлевски бил законски обврзан да ги сослуша и обвинетиот Никола Груевски, и учесниците во телефонскиот разговор со кои тој го договара 1.500.000 милионскиот кеш, и подносителите на кривичната пријава.
Не е точно дека има застареност на случајот Македонска банка.
Груевски, според аудио снимката, договорил 1.500.000 евра во кеш. Во тој период, кога според аудио разговорот е договорена реализацијата на ратите, направени се измени во Кривичниот законик со коишто е продолжено застарувањето на дело, од 10 на 20 години, за случај во којшто е предвидена затворска казна од 4 до 15 години.
Исто така, Никола Груевски со непријавување на примените 1.500.000 евра во кеш изгбегнал плаќање данок
Со образложението дека трансформацијата на капиталот на Македонска банка завршила во јануари 2004-та година, обвинителството се впуштило во истрага.
Затоа е нелогично отфрлувањето на пријавата од страна на обвинителот Зврлевски.
Одлуката на јавниот обвинитело Марко Зврлевски е скандалозна и срамна и е доказ дека во Република Македонија нема држава, туку се е партија.
Со кое право сега јавниот обвинител ќе товари кој било граѓанин во земјава за сторено кривично дело?
За целата јавност, од вчера, Никола Груевски е амнестирано, аболирано и помилувано лице.
Го повикуваме Груевски да одговори дали е негов гласот на аудио снимката и дали тој ја договорил продажбата на Македонска банка.
Во очекување на решението од Основното јавно обвинителство, по неговото добивање, го повикуваме Марко Зврлевски на телевизиска дебата, на којашто тој со кој било од обвинителството ќе ги соочи аргументите со правниот тим на СДСМ кој ја поднесе кривичната пријава за случајот Македонска банка. Така јавноста нека суди има или нема кривично дело
(Интегрален текст од прес конференција на Петре Шилегов, портпарол на СДСМ)
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа