Вартоломеј: Не доаѓам во Македонија додека не се реши спорот меѓу МПЦ и СПЦ

 

Вселенскиот патријарх Вартоломеј нема да ја посети Македонија додека не се реши спорот меѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Српската православна црква, бидејќи нема да може да се служи заедничка литургија.

- Пред да се реши проблемот не би сакал да доаѓам. Не ќе може да реализираме заедничка литургија. Се надевам дека во кратка иднина ќе имаме решение, истакнал Вартоломеј на денешната средба со претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски.  

Вељаноски ги пренел поздравите од архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан и изразил надеж дека патријархот Вартоломеј ќе даде свој придонес за МПЦ-ОА да го најде соодветното место во православниот свет, пренесува МИА.

- Православните христијани во Македонија се за решавање на црковниот проблем, посочил претседателот на Собранието. 

Патријархот Вартоломеј истакнал дека за време на минатогодишната прослава во Ниш, претствници на СПЦ повториле дека спорот меѓу МПЦ-ОА и нивната црква има врска со ослободувањето на Јован Вранишковски.

- Нашите српски браќа постојано повторуваат дека ова има врска со ослободување од затвор на владиката Јован. Без да се ослободи на оваа тема не може подлабоко да се разговара. Вашиот одговор го знам, но доколку има добра намера од двете страни ова ќе може да се надмине, потенцирал Вартоломеј.

Вељаноски, пак, посочил дека е потребна малку волја од двете страни за да се надмине ова прашање.

На тема средбата со Вселенскиот патријарх, Вељаноски во изјава за медиумите истакнал дека тој изразил надеж дека во догледно време ќе се реши црковниот спор и оти како што католичката и православната црква се зближуваат така и е добро тоа да се случи и во целиот православен свет.  

Средбата со Вартоломеј  беше последната средба од официјалната посета на Вељаноски на Република Турција.

- Република Турција е искрен пријател на Република Македонија. Можам да констатирам дека со Турција имаме извонредни односи и на политички и на економски план. Најбитно и најважно кај што Турција може да помогне е за голем број странски инвестиции во Македонија, вели Вељаноски.

Во рамки на неговата посета на Турција, Вељаноски се сретна со претседателот на Големото национално Собрание Џемил Чичек, со турскиот претседател Абдула Ѓул и со потпретседателот на турската Влада Булент Аринч. 

28.06.2014 - 15:08
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа