Дозволил комплетно безредие - МВР го гони екс директорот на струшкото комунално претпријатие
39 годишниот П.К. си заработи кривична пријава за „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Несовесно работење во службата“.
Како што информира портпаролот на охридската полиција, Стефан Димовск, П.К. додека бил директор на Јавното претпријатие „Комунално“ Струга, без објавување на јавен оглас спровел постапка за јавна набавка со барање за прибирање на понуди за набавка на материјали за оградување на капела и цвеќарница.
- За најповолен понудувач со одлука била избрана фирмата „Набизи“ од Струга, по што пријавениот П.К. од сметката на Јавното претпријатие „Комунално“ на 31 мај 2011 година на сметката на „Набизи“ ДООЕЛ Струга авансно уплатил 120.000 денари, а следниот месец уште 92.150 денари. Тоа го направил иако стоката не била доставена до претпријатието, ги прифатил фактурите од посочената фирма и противправно ги потпишал издатниците, прикажувајќи дека стоката е примена и подигната од негова страна од магацин. На овој начин пријавениот го оштетил буџетот на претпријатието за сума од 212.150 денари, вели Димоски, пренесува МИА.
Според Димовски, несовесниот директор П.К. на вработените им ги признавал сметките за гориво, кое го точеле во нивните приватни возила без патен налог со што им овозможил горивото да го користат за приватни потеби.
- Со тоа, за периодот 2011, 2012 и 2013 година им овозможил да прибават имотна корист 489.974 денари на штета на буџетот на претпријатието. Со одлука, Управниот одбор на ЈП „Комунално“ Струга го овластил П.К. да одреди приватни возила, кои ќе се користат за службени потреби, по што тој со вработените, кои ги одредил потпишал договори за користење на нивните приватни возила. Во овој период вработените, кои имале склучено вакви договори, во нивните приватни возила точело гориво на сметка на ЈП „Комунално“, објаснил Димоски.
Приватните возила ги користеле без патен налог во кој требало да биде наведено за каква службена работа се користи возилото за што требало и одобрение од раководителот. Фактурите за овие точења на гориво во приватни возила, П.К. ги прифаќал и потпишувал и одобрувал да се книжат. Тој ги прифаќал сметките за точење гориво во приватни возила кои се возеле без патен налог, овозможувајќи им на тие лица да ги користат возилата за приватни потреби на штета на ЈП „Комунално“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа