Македонски ученици наградени на Јуниорска балканска олимпијада по информатика
Тројца македонски ученици освоија два бронзени медали на осмата Јуниорска балканска олимпијада по информатика која од 23. до 28. јуни се одржува во Белград, информира Здружението на информатичарите на Македонија.
Под раководство на лидерите, Миле Јованов и Владислав Бидиков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), учениците Димитар Бајрактаров од Струмица и Душан Терзиќ од Пробиштип освоија бронзени медали, додека трет македонски учесник беше Матеј Голубовиќ од Скопје.
На Јуниорската балканска олимпијада годинава учествуваа тимови составени од најмногу четворица натпреварувачи, ученици до 15 години од Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија и од Таџикистан.
- Овој успех покажува дека Македонија има квалитетен подмладок, кој ветува успеси и на идните интернационални натпревари, соопшти Здружението на информатичарите на Македонија, кое традиционално го организира учеството на натпреварот, годинава со поддршка од ИТ-компаниите „Нордеус“ и „Ассеко – СЕЕ“ и Агенцијата за електронски комуникации.
Паралелно со натпреварувањето се одржа и вториот Математички гимназиски куп, во организација на белградската специјална математичка гимназија. Во конкуренција на 21 тим од 13 земји, македонскиот тим составен од Денис Рајхл, Мики Митевски, Горазд Димитров и Каролина Трајковска, под раководство на д-р Марија Михова, се враќа со освоени еден сребрен и три бронзени медали во областите информатика, математика и физика.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа