Ѓорчев на Годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ во Баку
Македонскиот пратеник Владимир Ѓорчев од денеска до 2. јули ќе учествува на 23. Годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), која ќе се одржува во Баку.
Како што информираат од македонското Собрание, главна тема за дискусија на сесијата е „Хелсинки + 40: кон човекова безбедност за сите“ и се очекува учество на околу 300 пратеници од 54 парламенти-членки на ПС на ОБСЕ и пет земји-партнери за соработка.
На годишната сесија ќе се одржат седници на трите комисии на Парламентарното собрание на ОБСЕ: Комисијата за политички прашања и безбедност, за економски прашања, наука, технологија и човекова околина и Комисијата за демократија, човекови права и хуманитарни прашања, седница на Постојаниот комитет на ПС на ОБСЕ, пленарна седница, специјална дебата за порастот на екстремизмот, радикализмот и ксенофобијата во регионот на ОБСЕ и други придружни настани.
Предвидено е на годишната сесија да се обратат Илхан Алијев, претседател на Република Азербејџан, Дидие Буркхалтер претседател на Швајцарската Конфедерација и претседавач со ОБСЕ, Сергеј Наршкин претседател на Државната Дума на Руската Федерација, потпретседателот на Врховната Рада на Украина Руслан Кошулински.
Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа