Венизелос: Грција ќе се стреми кон проширување на соработката меѓу ЕУ и БСЕЦ

Грчкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос денеска изјави дека Грција ќе се стреми кон проширување на соработката меѓу Европската унија и Организацијата за црноморска економска соработка (БСЕЦ).

- Црноморскиот регион е важен во областа на транспортот и енергетиката бидејќи ги поврзува истокот и западот и е динамичен пазар со 350 милиони жители, што несомнено предизвикува меѓународен интерес, посочи Венизелос, чија земја од 1 јули го презема шестмесечното претседателствување со БСЕЦ.

Тој наведе дека сега е моментот за поблиска соработка меѓу БСЕЦ и ЕУ.

- Претпоставувам дека Грција, која овој месец го завршува шестмесечното претседателствување со ЕУ, дала значителен придонес за тоа, наведе шефот на грчката дипломатија.

Венизелос претставувајќи ги приоритетите на грчкото претседателствување најави дека на есен е планирана средба на министрите за туризам на земјите-членки на Организацијата за црноморска економска соработка.

БСЕЦ е меѓувладина организација во која членуваат 12 држави од црноморскиот регион и Јужен Балкан (Азербејџан, Албанија, Бугарија, Грција, Грузија, Ерменија, Молдавија, Романија, Русија, Србија, Турција и Украина). Организацијата е формирана на 1 мај 1999 година, врз основа на Договорот за црноморска економска соработка од 125 јуни 1992 година. Седиштето на Организацијата е во Истанбул.

27.06.2014 - 20:20
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега