Нетанјаху: Не сакаме ескалација, но подготвени сме на секое сценарио

 

 

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави силен и цврст одговор на тероризмот по двата палестински напади во источен Ерусалим, од кои еден уби седум лица во близина на синагога.

„Нашиот одговор ќе биде силен, брз и прецизен“, рече Нетанјаху на вонредниот состанок на советот за безбедност. „Не сакаме ескалација, но подготвени сме на секое сценарио“.

Во петокот вечерта, 21-годишен Палестинец пукал во случајни минувачи во близина на синагога во населбата Неве Јацов, убивајќи седум лица, а потоа се самоубил. Во саботата наутро, 13-годишен Палестинец застрела и рани двајца Израелци во Силван, во близина на ѕидините на Стариот град.

Ова ново насилство во источен Ерусалим доаѓа во време на ненадејна ескалација по смртта на девет Палестинци во четвртокот во операцијата на израелската армија во Џенин, на Западниот Брег, палестинска територија окупирана од Израел во 1967 година.

Израелските сили се во состојба на готовност, а војската соопшти дека го зголемува бројот на луѓе на Западниот Брег додека западот апелира на воздржаност.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен во понеделник и вторник треба да пристигне во Ерусалим и Рамала, каде што ќе разговара за мерките за деескалација.

Нетанјаху, претставник на израелската десница, се врати на власт кон крајот на декември со поддршка на екстремно десничарските и еврејските ултраортодоксни партии.

Во саботата тој најави „забрзан процес“ на запечатување и рушење на куќите на извршителите на антиизраелските напади, што невладините организации за човекови права го нарекуваат колективна казна.

Во исто време Нетанјаху рече дека ќе му предложи на Советот за безбедносност полесно да се добие дозвола за носење оружје за цивили и укинување на социјалната помош за „семејствата кои го поддржуваат тероризмот“.

Сè уште никој не ја презел одговорноста за двата напада извршени од Палестинци во Источен Ерусалим. Полицијата се’ уште не го објави идентитетот на седумте жртви убиени во петокот во близина на синагогата.

Генералниот секретар на ОН, нарекувајќи го нападот „особено грозоморно“ злосторство, рече дека е „исклучително загрижен поради ескалацијата на насилството“.

Палестинската управа не го осуди нападот и смета дека Израел е „единствено одговорен за опасната ескалација“.

29.01.2023 - 10:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега