Началник од МВР: Таткото на Вања од почетокот ни беше чуден, цело време велеше, џабе одиме, џабе тука бараме

 


На судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, началник од МВР сведочеше за своите први контакти со родителите на девојчето. Особено внимание предизвикало однесувањето на таткото, Александар Ѓорчевски, кое било оценето како чудно и конфузно, особено во услови кога неговата ќерка се водеше како исчезната.

-Мајката беше поприбрана и сталожена, а однесувањето на таткото на почетокот ни беше чудно. Беше конфузен, беше потиштен, при многуте изјави што го прашувавме, рече Музафер Каришиќ, кој во времето на убиството бил помошник началник на СВР Скопје за криминалистички работи.

Тогаш почнала потрагата, односно сведокот барал со таткото и роднина на семејството Ѓорчевски.

-Мајката кажа дека има стан во Капиштец, но нема клучеви, дека се кај таткото. Бараше да се оди, да се прави претрага, но тој рече дека веќе бил таму и нема зошто да се оди. Јас инсистирав и отидовме. Влеговме во гаражата и се качивме со лифт. Го отвори станот. Побаравме да не има некое писмо, но за цело време таткото велеше дека ќерката е киднапирана, дека е убиена, рече Каришиќ.

Потоа потрагата продолжила кон паркот во Капиштец.

-По пат цело време велеше, џабе одиме, џабе тука бараме, ама ајде ќе одиме. Остана во возилото, запали цигара и не излезе. Тогаш се запрашавме зошто не излегува од возилото како татко да бара. Го прашав зошто не излезе, повторно имаше конфузија, и пак рече, таа е киднапирана, таа е убиена, џабе тука бараме, посочи началникот.

Биле и до Средно Водно и истото се случило и таму. Таткото останал во возилото.

-Повторно со роднината коментиравме зошто не излегува од возилото, рече началникот.

Тој појасни дека го прашал Александар зошто така мисли, дека девојчето е киднапирано, дали должи некому, дали има некои проблеми, закани, но тој негирал. И мајката кажала дека поранешниот сопруг е специфичен, тешко и било да го објасни.

 

Судењето е во тек.

16.10.2024 - 11:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега