На печалба од Азија во Македонија: Издадени дозволи за работници од Непал и Пакистан
Од почетокот на годинава заклучно со вчера од страна на Агенцијата за вработување на Македонија (АВРСМ) дадени се позитивни мислења за издавање работна дозвола за странец до Министерството за внатрешни работи за две лица од Непал, 10 лица од Пакистан, додека за Бангладеш нема поднесени барања, информираат од АВРСМ за МИА.
Од Агенцијата за вработувањесе надлежна институција за издавање работна дозвола за странец кој го има регулирано престојот во државата по друг основ (освен вработување), со поднесување барање за издавање работна дозвола во АВРСМ – надлежните центри за вработување, давање мислење врз основа на искористеноста на квотата и моменталните потреби на пазарот на труд во Македонија, во постапката за стекнување дозвола за привремен престој заради работа и издавање Потврда за регистрација на работата која ја вршат странците во државата, а за која не е потребна работна дозвола.
– Оваа надлежност произлегува од Законот за вработување и работа на странци и Законот за странци, подзаконските акти кои ја доуредуваат материјата и Одлуката за определување на квотите на работни дозволи за странци, појаснуваат од Агенцијата за вработување.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пак, неодамна информираше дека од почетокот на годинава преку 3 000 странски граѓани добиле дозвола да работат во земјава, а годишната квота, како што посочи е 5 000. Според него, земјава планира „увоз“ на работна сила, а најмногу кадар недостига во туризмот и градежништвото.
-На ваков начин, со отворање на нови работни места, со преквалификација и низ процесот на дуално образование ќе се подобри состојбата со пазарот на трудот и недостигот од работна сила. Долгорочното решение е доквалификација, реквалификација на нашите луѓе кои живеат тука и да се стекнат со нови вештини кои им се потребни на компаниите, вели Битиќи, според кого увозот на работна сила не е долготрајно решение, а државата прави напори да ја подобри состојбата со недостигот на работници.
Да се либерализира пазарот на трудот и да се овозможи повеќе работа за странци бараат и од стопанските комори, а од Организацијата на работодавачи порачуваат дека размислуваат да „увезат“ работна сила од земјите кои имаат пониска просечна плата од нашата. Подолго време во земјава работат работници од Турција во делот на градежните инвестиции на турски компании и од Кина на изградбата на автопатиштата. Агенциите за посредување веќе почнуваат да нудат работници од Далечниот исток пред се од Пакистан, Непал и Бнагладеш, но за да дојдат во земјава неопходни им се околу 2 000 евра за пат, плус работодавачот треба да им обезбеди и место за престој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа