МВР се чисти: Акција против „кртовите“ во полицијата
Сите што ги пробиле полициските акции спроведени изминативе неколку недели ќе одговараат како „глувци“, вели премиерот Мицкоски откако осомничените во предметот Државна лотарија – Груби и Бајрами, но и членови на нарко-кланот Беланоца се дадоа во бегство непосредно пред полицијата да влезе кај нив дома.
Досега за пробиените акции осомничен е само Керим Буши, син на поранешниот заменик-министер за внатрешни работи од ДУИ Назим Буши. Тој пред два дена беше повикан на распит во полициска станица, а му беше одземан и мобилниот телефон. Буши се сомничи дека е „кртот“ за акцијата против Беланоца кога буквално на неколку минути пред влегувањето на полицијата во скопско Арачиново, по дојава, во бегство се дале членови на нарко-кланот. На товар му се ставаат две дела: оддавање службена тајна и злосторничко здружување.
И покрај тоа од обвинителството нема објаснување зошто за Буши не се побарани мерки на претпазливост имајќи пред вид дека предметот Бункер кога беше пронајдена поголема количина на оружје поврзано со Беланоца се уште не е завршен. Од обвинителството само велат дека се испитуваат сите индиции, па во таа насока бил повикан и синот на Буши.
„Во рамките на предметот под кодно име „Бункер“ во кој под истрага се 18 членови на криминални групи, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и истражители од Истражниот центар при анализа на досега прибраниот доказен материјал дојдоа до сознанија што упатуваат на можно сторување на други кривични дела и други инволвирани лица. Со цел да се испитаат ваквите индиции, на 28.12.2024 година, едно лице беше спроведено во полициска станица. “, соопштуваат од Обвинителството.
Во меѓувреме од таму соопштија и дека по три години е уапсен и последниот осомничен за предметот Планина, кој всушност се водеше за вториот нарко-клан Дуќанчик од Грчец.
Акцијата „Планина“ беше спроведена во 2021 година со упад на повеќе локации во Грчец и Гази Баба. Беа успасени 22 лица, но главните 5мина избегале непосредно пред апсењето, по што тогашната обвинителка Рускоска јавно посочи дека акцијата била пробиена. Иако тогашниот министер за внатрешни работи Спасовски посочуваше дека се работи за лица вработени во МВР и други институции „кртовите“ за оваа акција ги фати сегашниот министер Тошковски пред еден месец. Тогаш беа успасени тројца поранешни полицајаци кои оддавале службена тајни на криминалната група.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа