Санчез воведе ембарго на извоз на оружје за Израел
Шпанскиот премиер Педро Санчез соопшти дека неговата влада воведува ембарго на оружје за Израел во обид, како што рече, „да се запре геноцидот во Газа“.
Мерките, кои стапуваат во сила веднаш и вкупно се девет, вклучуваат и забрана за патување за лица директно вмешани во, како што ги нарече, „масакрите“, пренесува ДПА.
– Шпанија ќе биде на вистинската страна на историјата, изјави Санчез, кој е еден од најгласните светски лидери во критиките кон израелските воени операции во Газа.
Мерките опфаќаат и зголемена хуманитарна помош за Газа, дополнително финансирање за Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), како и забрана за увоз на производи од израелски доселенички населби.
Целта е, според Владата, да се поддржи палестинското население, но и да се обезбеди одговорност за нападите врз цивилите.
– Ова повеќе не е одбрана, ниту пак напад – ова е истребување на еден немоќен народ, оцени шпанскиот премиер.
Тој ја критикуваше, како што рече, „рамнодушноста“ и „соучесништвото“ на меѓународната заедница.
Обединетите нации го дефинираат геноцидот како „акти извршени со намера за уништување, целосно или делумно, на национална, етничка, расна или верска група“.
Јужноафриканската Република веќе поднесе тужба против Израел пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, обвинувајќи го за кршење на Конвенцијата за геноцид во Газа.
Израел ги отфрла обвинувањата и ја обвинува Хамас дека систематски го злоупотребува цивилното население како живи штитови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа