Москва ќе биде домаќин на следната рунда руско-американски преговори
Преговорите меѓу САД и Русија за надминување на проблемите во билатералните односи ќе се преместат од Истанбул во Москва, соопшти новиот руски амбасадор во Вашингтон, Александар Дарчиев.
– Враќањето на руско-американските односи на позитивна патека сè уште е далеку, изјави Дарчиев, додавајќи дека приближувањето кон Москва е попречено од таканаречената „длабока држава“ во САД и антируските „јастреби“ во Конгресот. Тој потврди дека следната рунда преговори меѓу делегациите ќе се одржи во Москва во блиска иднина.
Според амбасадорот, Русија е отворена за заедничка работа за решавање на ситуацијата во Украина, вклучително и за отстранување на основните причини за кризата, како и за другите аспекти од широката агенда на руско-американските односи, кои постепено почнуваат да се „одмрзнуваат“.
– Изборот меѓу конфронтација и прагматична соработка зависи од американската страна, нагласи Дарчиев.
Тој истакна дека Русија секогаш ја потенцирала својата подготвеност за отворен и искрен меѓудржавен диалог заснован на еднаквост, реципроцитет и почитување на националните интереси на другата страна. Според него, по „уништувањето“ на билатералните односи од страна на претходната американска администрација, која отворено се залагаше за „стратешки пораз“ на Русија, новата администрација во Белата куќа покажува намера да ги обнови врските и да внесе рационалност во нив, што дава одредена надеж за подобрување.
„За разлика од претходниот период, нашите соговорници во Белата куќа и Стејт департментот не нè избегнуваат и не ги заменуваат суштинските дискусии со монолози и осуди, туку избираат прагматични преговори наместо празни зборови“, рече Дарчиев. Тој додаде дека, иако различните ставови по многу прашања и тешкотиите за наоѓање заеднички јазик не гарантираат брзи резултати, воспоставената преговарачка динамика дава позитивен импулс, поттикнат од четирите телефонски разговори меѓу рускиот и американскиот претседател по смената на администрацијата во Вашингтон.
Дарчиев најави дека Русија очекува наскоро да започнат преговори со САД за обновување на директните авионски линии меѓу двете земји.
Војната во Украина предизвика најголема конфронтација меѓу Москва и Западот од Студената војна. Во 2024 година, високи дипломати од двете страни изјавија дека билатералните односи никогаш не биле полоши. Американскиот претседател Доналд Трамп го опишува конфликтот во Украина како посредна војна меѓу САД и Русија, изразувајќи загриженост за можноста од негово прераснување во светски конфликт.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа