МОН: Во средните медицински училишта ќе се запишуваат само редовни ученици
Министерството за образование и наука ги извести сите јавни средни училишта во државата кои имаат добиено верификација за изведување на настава од здравствена струка, дека запишувањето на вонредни ученици се става во мирување почнувајќи од мартовската испитна сесија.
Претходно запишаните вонредни ученици продолжуваат со полагањето на предвидените испити, но во следниот период нема да може да се запишуваат нови. Редовни ученици пак, ќе можат да се запишуваат вообичаено во текот на месец јуни, а согласно квотите кои ќе бидат утврдувани во конкурсите за уписи во јавни средни училишта.
Одлуката на МОН првенствено е од интерес на процесот на создавање квалитетен медицински кадар. За разлика од редовните ученици кои освен теоретската, имаат и ефективна практична настава по стандарди утврдени во наставните планови и програми, за вонредните ученици по медицина, можностите за пракса во реални услови се значително ограничени.
Исто така, оваа одлука е во согласност со напорите на државата за спречување на одливот на работна сила, која значително недостасува во здравствениот сектор. Статистиките велат дека во вонредно медицинско образование најчесто се запишуваат повозрасни граѓани, со намера да се преквалификуваат и да побараат работен ангажман надвор од земјата.
Дополнителен предизвик е и тоа што уписот во вонредно образование нема ограничувачки квоти, за разлика од уписот на редовни ученици кој се дефинира со конкретни квоти, согласно капацитетите на училиштата и минимум поени дефинирани во секој конкурс за упис во средно образование што изнесува минимум 70 поени, односно одличен успех во основното образование, а понекогаш и дополнителни квалификациони тестирања за селекција на поголем број на пријавени ученици со 75 поени.
Министерството за образование и наука информира дека се работи за времена одлука, а во периодот што следи фокус ќе биде ставен на можностите за унапредување на вонредното образование од здравствената струка, со цел граѓаните кои ќе се одлучат за оваа опција, да стекнуваат соодветни знаења и вештини, но и притоа да бидат мотивирани за реализација на личниот потенцијал во сопствената земја.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа