Министерство за животна средина: Го поддржуваме Сојузот на извидници во активностите за ревитализација на опожарените шуми

 

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) соопшти дека со потпишување Меморандум за соработка  ја потврдува поддршката на активноститe за едукација и заштита на животната средина, опфатени во иницијативата на Сојузот на извидници на Македонија, наречена „Боренка“.

- Министерката Шукова изрази задоволство што со овој Меморандум ќе се зацврсти досегашната соработка помеѓу МЖСПП и Сојузот на извидници на Македонија, додавајќи дека верува во силата на младите извидници, нивната љубов кон природата и подготвеноста за да ја зачуваат животната средина. Примерот што го дава оваа организација како една од најмасовните младински организации има моќ да иницира позитивна промена која ќе го поттикне развојот на младите, ќе придонесе во развојот на граѓанскиот волонтерски ангажман, подигнување на јавна свест за заштитата на шумите со еколошки пристап и ќе го олесни заедничкото креирање на планови и младински политики во Република Северна Македонија, соопшти МЖСПП.

„Боренка“ e волонтерска иницијатива за пошумување на опожарени подрачја што ја спроведуваат извидниците во партнерство со ЈП „Национални шуми“ и со поддршка од Амбасада на САД.

Како што наведува МЖСПП, активностите од „Боренка“ се реализираат преку два работни пакета: неформално образование за деца и млади во училишта и младински организации, каде со користење на т.н. боренки – моливи направени од јаглен од изгорени дрвја секој има можност да нацрта свое дрво и да го „засади“ во виртуелна шума на www.borenka.mk. Вториот работен пакет е за секое нацртано дрво, волонтерите на „Борeнка“ садат вистински расад на опожарена земја т.е. пошумување на опожарените површини.

10.03.2023 - 15:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега