Министерство за правда со остра реакција за укинатата пресуда за организаторите на „27 април“: Судскиот совет веднаш да реагира
„Очигледно е дека намерните или ненамерните пропусти за суштествени повреди и натаму остануваат дозволива пракса за некои судии. Затоа, неопходно е веднаш да се добие соодветен одговор, зошто ова се дозволува во континуитет, односно зошто во првостепената пресуда не биле утврдени сите спорни околности, ниту битни факти поврзани со кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, се вели во реакцијата на Министерството за правда.
„Го повикуваме со најдобра намера Судскиот совет веднаш да реагира и да преземе мерки за утврдување на околностите врз основа на кои е донесена пресудата, да се поведе постапка вклучувајќи ја и дисциплинска ако се уврди дека некои свесно или несвесно со своите постапки дозволиле довербата во правосудниот систем да падне на најниско ниво“, додаваат од Правда.
Инаку претходно денеска, Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-121/21, во јавноста познат како „Собрание“, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите Т. В., С. Р., М. Ј., сите од С., и В. А. од Д., со привремено престојувалиште во С., ја укина првостепената пресуда КОК. бр.2/20 од 26.7.2021 година и предметот го врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје, Специјализирано судско одделение надлежно за судење дела од областа на организираниот криминал и корупција. Жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Скопје во оваа фаза на постапката одлучи дека е беспредметна. Мерките за претпазливост спрема обвинетите Т. В. од С. и В. А. од Д. со привремено престојувалиште во С., остануваат во сила.
Поради големиот интерес и транспарентност во работењето, судискиот совет на Апелациониот суд Скопје информира дека при разгледување на првостепената пресуда оцени дека при постапувањето по овој кривичен предмет сторени се суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 и став 3 од Законот за кривичната постапка, кои придонеле првостепениот суд да не биде во можност правилно да го примени материјалното право – Кривичниот законик.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа