Мицкоски упати честитка по повод католички Велигден
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски упати честитка до сите верници кои го прославуваат Воскресението Христово според Грегоријанскиот календар.
„Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите верници кои го прославуваат Воскресението Христово според Грегоријанскиот календар им го честитам најголемиот христијански празник – Велигден.
Овој празник е симбол на надежта и новиот почеток, ден кога ја славиме победата на животот над смртта и победата на доброто над злото. Ова е празникот на верата во Бога и славата на Бога.
Како што нашиот Спасител покажа дека мирот и светлината може да ги победи страданието и темнината, така секој од нас може и мора да се бори за правдата, добродетелството и љубовта. Овие универзални вредности се патот по кој што треба да чекори секој човек за да го направи светот, својата земја и својот живот подобар и богоугоден.
Живееме во времиња на искушенија и предизвици, но Бог живее во нашите срца и тој може да ни помогне да ги направиме правите избори на крстосниците пред кои секојдневно сме исправени. Нашата волја, нашата вера и нашиот дух се нашата најголема сила, која сплотени можеме да ја искористиме за добри дела. Нека светлоста на овој ден биде водилката која сите нас ќе не води кон победите за подобро утре за нас, нашите поколенија и нашата татковина Македонија.
Благовеста за Христовото воскресение нека ги огрее срцата и домовите на сите верници.
Христос воскресе, навистина воскресе!“, стои во честитката.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа