Мицкоски: Светиот Климент пред еден милениум знаел дека само грамотен народ е силен и неуништлив

 

Светиот Климент пред еден милениум знаел дека само грамотен народ е силен и неуништлив, напиша во честитката по повод празникот Свети Климент Охридски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Свети Климент Охридски, како што вели Мицкоски, е продолжение на духовната и хумана дејност на светите Кирил и Методиј за описменување на народот.

-Свети Климент не се штедел себе, и целиот свој живот го поминал помагајќи на другите, така денес е еден од најзначајните темели и на МПЦ-ОА. Ликот и делото на Свети Климент Охридски е силно врежано во македонската историја и паметење. Неговата мисија за описменување имаше за цел да се спротивстави на однародувањето и асимилацијата. Нашата култура, јазик и идентитет се посебно обележје со кои што треба да се гордееме и да ги чуваме. Но и делото на Свети Климент е завет да изградиме генерации кои со своите силни капацитети ќе се спротивстават на било која злоупотреба, атак или современа форма на поништување. Светиот Климент пред еден милениум знаел дека само грамотен народ е силен и неуништлив. Денес грамотен народ може да се спротивстави на современото зло на корупцијата и криминалот кој ја уништуваат нашата заедница и држава. Грамотен народ може да се спротивстави на владејачки елити кои го злоупотребуваат народот до исцрпување, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Гордост и успех за нас, како што посочува тој во честитката, е да направиме силни, образувани и успешни генерации да ја продолжат борбата за успешна македонска иднина тука во Македонија.

-Мисијата на Свети Климент Охридски треба да е поука за сите генерации дека чувањето на културната, јазичната и националната посебност како должност и аманет. Со право го славиме Свети Климент чие духовното, книжевно и црковно наследство е значаен белег за Македонија. Нека ни е честит и за многу години големиот празник – Свети Климент Охридски!, истакнува Мицкоски.

08.12.2022 - 10:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега