Мицкоски со поддршка за бојкотот: Енормните цени се напад врз Македонија и граѓаните
Поединечни трговци и трговски ланци се однесуваат неодговорно заработувајќи преку енормни цени на производи кои ги плаќаат граѓаните. Ова меѓу другото го разбирам и како напад врз сопствената држава, граѓаните и заедничкиот интегритет. Ова денеска на својот Фејсбук профил го напиша премиерот Христијан Мицкоски.
- Растот на цените ја нагласува потребата за одлучна, одговорна и транспарентна акција. Како Влада, остануваме целосно посветени на борбата против неправедните трговски практики и злоупотребите кои директно влијаат на животниот стандард. Во духот на солидарноста, го разбирам повикот за бојкот на маркетите, како чин на граѓански отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци. Имам јасни сознанија дека одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни профити на грбот на граѓаните. Ова е неприфатливо и нема да биде толерирано! Ве уверувам дека преземаме конкретни мерки: Денес остварив средба со Комисијата за заштита на конкуренцијата, Министерот за економија, Заменик министерот за економија и Директорот на пазарната инспекција. Наложив засилени контроли и итна реакција на терен, напиша тој.
Додава дека тие имаат јасна задача – да го проверат однесувањето на трговците и да спречат какви било злоупотреби.
- Ќе инсистирам на транспарентност и ригорозни казни за сите кои ќе се утврди дека го изигруваат законот и ги злоупотребуваат граѓаните и добавувачите. Заедно ќе се спротивставиме на сите кои мислат дека ќе се богатат на наша сметка. Ќе се справиме со овој проблем и ќе направиме сè што е во наша моќ за да го заштитиме животниот стандард на сите наши граѓани! Во исто време, ќе продолжиме и со субвенционирање на најпогодените категории на граѓани за дополнително да ги минимизираме негативните ефекти од растот на цените. Ги повикувам сите надлежни институции, но и трговците, да се однесуваат со максимална одговорност и почит кон народот. Ова се времиња на чесност, фер игра и солидарност! Заедно ќе изградиме систем кој ќе биде во корист на сите, наспроти интересите на неколкумина кои сакаат да се богатат на маката на граѓаните!, заврши Мицкоски.
29.01.2025 - 11:20
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа