Мицкоски: Обвинувањата од СДСМ за бегството на Рамадани се ноторна лага

Чудно е што се конструираат вакви монструозни работи и практично тоа ни дава одговор со какви луѓе сме имале ние работа во овие седум години кога сега и од позиција на опозиција конструираат вакви работи – ова е одговорот на премиерот Христијан Мицкоски на обвинувањата од страна на СДСМ дека началникот на северната граница Наим Рамука и еден вработен од Општина Чаир се директните виновници за бегството на поранешниот војник на ОНА, Блерим Рамадани.

Тој вели дека тврдењата на СДСМ се ноторна лага и го охрабри Јавното обвинителство веднаш да влезе во институциите и да ги провери сите наоди на пратеникот Трајчулески.

„Добро е што конечно излегоа со тврдење. Го охрабрувам Јавното обвинителство веднаш уште денес да влезе, го повикувам јавниот обвинител кој е избран од СДСМ и ДУИ веднаш да влезе и да констатира фактичка состојба, а јас ви тврдам дека тоа што го изнесе тој е ноторна лага“, кажа Мицкоски.

Доколку се утврди дека тврдењата на опозициската партија се точни премиерот вели ќе следува одговорност, но доколку се докаже дека се неточни, тој го охрабрува раководството на Министерството за внатрешни работи да поднесе тужба за клевета и нарушување на углед.

„Мораме на ваков начин да се заштитиме од ваквите лаги и конструкции. Чудно е што се конструираат вакви монструозни работи и практично тоа нас ни дава одговор со какви луѓе ние сме имале работа овие седум години кога тие сега од опозиција ова го конструираат. Практично, тие така и владееле, така функционирале во институциите со конструкции и лаги“, изјави Мицкоски.

Денеска, пратеникот од СДСМ, Митко Трајчулески на прес-конференција во партиското седиште, упати низа обвинувања на сметка на Министерството за внатрешни работи дека началникот на северната граница Наим Рамука е директно инволвиран во бегството на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани.

23.08.2024 - 14:45

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега