Мицкоски: Не отстапувам ни милиметар од ставот за уставните измени

 


Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска го повтори ставот во однос на уставните измени во контекст на продолжување на преговорите со Европската унија, потенцирајќи дека се бара достоинствено решение, а тоа се уставни измени со одложено дејство. Прашан да ја коментира изјавата на неговиот коалициски партнер од Вреди, министерот за здравство Арбен Таравари, Мицкоски кажа дека не се спротиставувал на изградбата на Коридорот 8, но дека бил против Преспанскиот договор.

-Можеме да зборуваме за уставни измени, но во исто време можеме да зборуваме и за други работи што ние ги бараме, што се дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ позади којашто застанаа повеќе од половина милион граѓани. Јас немам намера ниту милиметар да се поместам од тоа што сум го кажувал, го кажувам сега и ќе го кажувам во иднина. Бараме решение, достоинствено решение. Имаме достоинствено решение на маса, а тоа се уставни измени се одложено дејство, повелете да разговараме, истакна Мицкоски на прес-конференција во Владата.

Мицкоски ги отфрли наводите дека се спротивставувал на изградбата на Коридорот 8, но кажа дека бил против потпишувањето на Преспанскиот договор со Република Грција. Во одговорот на новинарско прашање, според кое министерот Таравари рекол дека премиерот претходно бил против двете работи, а потоа ги прифатил, поради што ќе ги прифати и уставните измени, тој нагласи дека се сомнева оти тоа било кажано во таков контекст.

-Мислам дека не е тоа така кажано како што го цитирате тука. Не сум бил против Коридорот 8, но точно е дека сум бил против Преспанскиот договор. И да, точно е, откако на насилен пат се носеа пратеници да гласаат за уставните измени. И откако сето тоа стана реалност, уште во опозиција, пред 4-5 години, реков не можеме да ја игнорираме реалноста, но никогаш не сум бил против Коридорот 8. Тоа што вие го цитирате, не беше така кажано од господинот Таравари, но повторно ќе кажам, во духот на растурање на пердувите, ние ќе се обидеме да ги фатиме. Категорично демантирам дека така беше кажано, ниту сум бил против Коридорот 8, а сум бил против Преспанскиот договор, истакна Мицкоски.

28.01.2025 - 14:36

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега