Мицкоски: Народот доаѓа по своето, не им ја даваме Македонија

„Ова е град на непокорот, град од каде се раѓала и негувала македонската револуционерна мисла, град на идеали, вера, истрајност, еснафлук, култура, цивилизација. Од Св. Климент и Наум до Самоил, од Глигор Прличев до Петре Пирузе Мајски. Овде се создавала историја, затоа од овде секогаш почнуваме, поради славните охридски семејства и овој народ тука кој живеел славна историја, која до ден денес ни е патоказ како да ја чуваме и негуваме идејата во која веруваме, а идејата е Македонија!“, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ вечерва од Охрид.

„Народот доаѓа по своето. Доаѓа по тоа што му е одземено. Доаѓа по Македонија. Да си ја врати во свои раце и да ги отпочне големите промени на свеста, на начинот на живот, на вредностите, со кои ќе покажеме на сите дека можеме, дека знаеме, дека си ја сакаме државата, дека не ја даваме, и дека ние сите заедно, сме силата на Македонија.

Победата мора да е голема за да видат сите оние кои се прашуваат дали народот ќе дојде по своето, за да им докажеме и на најголемите скептици кои го потценуваат овој народ, дека Македонија и нејзините граѓани се горди и достоинствени и дека доаѓаат по своето, доаѓаат по својата единствена татковина Македонија. Доаѓаат да си ја земат државата во свои раце, затоа што лошо се живее, затоа што институциите се распаднати, затоа што државата е киднапирана од неколкумина од ДУИ и СДСМ и нема набавка или тендер кој не е злоупотребен, нема работник кој не е разочаран, нема пензионер кој не е загрижен, нема доктор и инженер кој не се прашува што бара тука, нема млад кој не е скептичен, и ретко човек кој не помислил дали да си оди од овде. Накусо нема надеж и сон кои не се уништени.

Но во нас мора да се роди повторно пркосот, не им ја даваме Македонија, не им ја даваме иднината, не им дозволуваме повеќе да си играат со нашите животи и да се коцкаат со животите на нашите деца.

18.04.2024 - 22:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега