Мицевски ги повика турските партии да бидат дел од владата на ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски денеска, во рамки на собраниската седница за избор на новата влада, ги повика колегите од турските партии да му се приклучат на владејачкото мнозинство за, како што рече, сите заедно да работат на подобрување на состојбите во државата.

Ова „фрлање ракавица“, како што истакна Мицевски, следуваше откако претходно, Бејџан Илјаз од коалицијата Европски фронт изрази загриженост дека во новиот владин состав нема ниту еден претставник од труската заедница.

Според Мицевски, моментно владата на ВМРО-ДПМНЕ на турските партии може да им понуди едно заменичко министерско место.

-Ве поканувам да влезете во владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и во ова парламнетрано мнозинство, за сите заедно да можеме да работиме на подобрување на состојбите во државата. Во моментот можеме да понудиме едно заменичко министерско место. Повелете, влезете во владата и заедно да работиме на предизвиците за кои зборувавте сега, истакна Мицевски, додавајќи дека Демократската партија на Турците сама избрала да биде дел од Европскиот фронт.

Илјаз се заблагодари за поканата и повтори дека одлуката да бидат дел од Европскиот фронт е партиска.

-Добро знаете дека предизборно имавме разговори со сите партии и притоа се водевме од принципите и дадените укажаувања на нашите партиски органи. Затоа сме дел од Европскиот фронт. Загриженоста е што не само во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, туку и во поранешните влади, особено изминатите осум години, немавме претставник во владата, потенцира Илјаз.

Тој порача дека во време кога се стремиме кон подобра иднина и кога не очекуваат важни одлуки, општеството треба повеќе да води грижа и за немнозинските заедници.

-Најавите за промена на Уставот каде немнозинските заедници ќе бидат третирани како малцинства, е против духот на Рамковниот договор и може сериозно да ги наруши соживото и граѓанската рамноправост. Место овие најави, очекувам што поскоро на агендата да се стават уставните измени за да се отвори патот кон нашата европска иднина, напомена Илјаз.

Пред него зборуваше Сали Мурат од Европскиот фронт, кој оцени дека владината програма на ВМРО-ДПМНЕ не е целосно во согласност со Уставот и Рамковниот договор.

-Во секоја глава има одредени недоречености, необјективности и нереални заложби. Мандатарот се поставува во улога на давател на некои права, задирате во еднаквоста на граѓаните, особено во однос на турската заедница. Ако се резимира програмата, многу малку посветувате внимание на одржување на меѓутничките односи, на толеранцијата и почитувањето на Ракобвниот договор кој е компромис и афирмација на слободите и правата на неинтегрираните и маргинализираните групи, а меѓу нив е токму турската заедница, подвлече Мурат. 

Халил Снопче од Вреди ги потсети Мурат и Илјаз дека во претходниот мандат, како Албанец, побарал официјализација и на турскиот и на ромскиот јазик.

-Ние сме мултинационална држава, идната влада ќе мора многу да инвестира во општата еманципација за да ги елиминира сите несогласувања, не треба да сме идентични за да сме еднакви, мора да инвестира во овој дел, луѓето да ја сфатат еднаквоста меѓу различните работи, нагласи Снопче.

23.06.2024 - 13:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега