Мерките за замрзнати цени ќе важат до крајот на февруари
Пакет-мерката за замрзнати цени ќе важи до крајот на февруари. Ова го посочи министерот за економија Крешник Бектеши и рече дека ќе предложат до Собранието ново законско решение за нефер трговски практики, кој е целосно усогласен со директивите на ЕУ, со цел да не се дава можност за злоупотреба од страна на трговците.
„Јас мислам дека е најдобро да се разгледаат извештаите од Заводот за статистика и она што го почувствувале потрошувачите во нашата држава. Во истиот период минатата година имавме над 20 отсто инфлација во делот на храната и 14 отсто за алкохолните и безалкохолните пијалаци, а денеска зборуваме за инфлација од 0,1 отсто во делот на храната и пијалаците и вкупна инфлација во нашата држава која веќе е стабилизирана на не повеќе од 3,5 отсто. Затоа и одлучивме да ја продолжиме мерката до крајот на февруари, со цел да му се даде простор на Собранието да може да го усвојат новото законско решение за нефер трговски практики“, рече Бектеши.
Со донесените измени на постојата одлука, на предлог на Министерството за економија, се продолжува ограничувањето на цените до 29 февруари 2024 година наместо до 31 јануари 2024 година за определени видови основни прехранбени производи, и тоа: ориз, брашно, леб и други пекарски производи, бисквити, наполитанки, тестенини, месо и производи од месо, млеко, јајца, сирење, кашкавал и други млечни производи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа