Менде Моцаноски: Не смееме да имаме граѓани кои сакаат да помогнат, а немаат кај да се обратат

Менден Моцаноски, магистер за управување со кризи и безбедност, смета дека пожарите со кои се соочи Македонија минатата недекла се пожари со интензитет каков што не сме се сретнале до сега по сите нивни карактеристики, особено по брзината на ширење предизвикана од жешкиот ветер. 
-Добро е што брзо се интервенираше и се минимализираа штетите, се заштитија критичните објекти и се евакуираа навремено граѓаните, се заобиколија бирократските процедури и се прогласи кризна состојба која овозможи мобилизација на сите расположливи ресурси, вели Моцаноски во интервју за Прес24, потенцирајќи дека испитот повторно го положија МВР и АРМ, системот за управување со кризи и заштита и спасување очигледно повторно покажа организацискокоординативни слабости особено во делот на подготовеноста и раното предупредување.
-Комуникацијата со нашите НАТО-партнери и брзата реакција на Словенија, Австрија, Бугарија, Романија во овој случај го замени недостатокот на капацитети во нашиот систем за кризен менаџмент и заштита и спасување. Системски, недозволиво е пак да се јавува впечатокот дека секоја институција функционира сама за себе, вели Моцаноски во интервјуто. 
Моцаноски, чија магистерска тема е токму анализа на системот за кризен менаџмент во Македонија, смета дека покрај потребата од обединување на ЦУК и ДЗС во еден Центар за итни ситуации, потребно е на регионално ниво креирање и обединување во Единствени центри за итни ситуации во секој од сегашните регионални центри на ЦУК, со што ќе се олесни кризното комуницирање и протокот на информации и до општините затоа што ќе доаѓаат од еден центар. 
-И секако, потребно е обезбедување заеднички локации на локално ниво (општини) со стратешки и оперативни тимови за поголема стручна, оперативна и техничка поддршка на локалното делување, потенцира во инетревјуто.
-За обнова на шумските појаси се потребни повеќе од 30 години, нема да има животен простор за дивите животни, водите се загадуваат, почвата ерозира, се ослободуваат огромни количини јагледор диоксид. Имајќи ги во предвид овие штети, релјефните карактеристики и шумските богаства, можеби треба да се размисли за зголемување на санкциите. Сепак, сметам дека превентивните стратегии ќе дадат подобар ефект од репресивните мерки и санкции, вели Менде Моцаноски, магистрер по кризен менаџмент во интервјуто за Прес 24.
ПРЕС24: Пожарите што ја зафатија Македонија веќе неколку дена се сериозна закана, а иснтитуциите за заштита не успеваат да ги стават под контрола. Кои се вашите оценки, на што се должи тоа? 
МОЦАНОСКИ: Овие состојби на кои сме сведоци изминатиот период не можеме да ги ограничиме на само еден фактор. Ова е можеби последно предупредување за сите кои не веруваа како на експлицитен начин климатските промени влијаат на нашата нормалност. Проблемот е што сметавме дека апокалиптичните сцени од Калифорнија, Австралија никогаш нема да стигнат кај нас. Ова се пожари со интензитет каков што не сме се сретнале до сега по сите нивни карактеристики, особено по брзината на ширење предизвикана од жешкиот ветер. Добро е што брзо се интервенираше и се минимализираа штетите, се заштитија критичните објекти и се евакуираа навремено граѓаните, се заобиколија бирократските процедури и се прогласи кризна состојба која овозможи мобилизација на сите расположливи ресурси. Испитот повторно го положија МВР и АРМ, системот за управување со кризи и заштита и спасување очигледно повторно покажа организацискокоординативни слабости особено во делот на подготовеноста и раното предупредување. Сепак, сега е важно заеднички да се надмине оваа кризна состојба и будно да се следи состојбата, во периодот што следи верувам дека научените лекции од справувањето со пожарите ќе се имплементираат во еден нов модел на систем за кризен менаџмент. 
ПРЕС24:  Дали системот за заштита од кризи, кризираше во оваа ситуација? 
МОЦАНОСКИ: Доколку гледаме од психолошка димензија, кризата и одлуките под притисок одат рака под рака. Ова што се случува кај нас е многу поголем притисок од претходните кризни состојби предизвикани од пожари, тоа на јавноста ѝ стана јасно особено по страшните слики од пожарите во Кочани, кумановскиот, беровскиот и гевгелискиот регион. Ова што ни се случува се пожари преминати во поголем интензитет и брзо ширење, ова се комплексни ситуации кои бараат обучен и искусен кадар на стратешко ниво, опременост и бројност на пожарникарите на оперативно ниво. Во последните два критериуми нашиот систем потфрли најмногу, што сметам дека доведе до задоцнување со реакцијата. Секоја чест за брзата реакција на баталјоните на АРМ и обезбедувањето на критичните точки, секоја чест за близу 700-те припадници на МВР кои беа ангажирани и пожртвувани, но ние еднаш ќе мора да изградиме стабилен систем заштита и спасување и од оваа кризна состојба ја гледаме најдобро неопходноста на тој чекор. Комуникацијата со нашите НАТО-партнери и брзата реакција на Словенија, Австрија, Бугарија, Романија во овој случај го замени недостатокот на капацитети во нашиот систем за кризен менаџмент и заштита и спасување. Системски, недозволиво е пак да се јавува впечатокот дека секоја институција функционира сама за себе. Одново помеѓу ЦУК и ДЗС се отвараат прашањата за (не) надлежност и тоа јавно, што доволно зборува колку итно му е потребна реформата на овој сектор. Уште во 2018 година група експерти на ЕУ изработија извештај за состојбата на системот и ни соопштија дека авионите на ДЗС не се одржливи за на долг рок. Парите наменети за нивно сервисирање ќе се реинвестираа во кадри, обука, тренинг или евентуално нови хеликоптери за системот за заштита и спасување, имајќи го во предвид фактот што истите се најчеста и најголема опасност кај нас години наназад.
ПРЕС24:  Ова генерално не е прв пат да се соочуваме со ваква состојба. Дали е потребна сериозна реформа на овој сектор? 
МОЦАНОСКИ: Веќе споменав, засега е добро што не дозволивме да ни се случи Стајковци 2016 кога освен природата како виновник, одговорноста лежеше во хаосот предизвикан од нефункционалноста на системот за кризен менаџмент. Јавноста се увери дека близу 600 вработени во ЦУК и ДЗС немале време за да изградат превентивна стратегија за поплави и не направиле соодветна Процена на загорзеност за Општината Гази Баба од 2008 година. Јавноста се увери дека овие агенции дотогаш биле партиски центри на политичката елита. Сериозни структурни реформи се неминовни, реформи кои ќе бидат сеопфатни и ќе опфатат усогласување на агенциската координација и субординацијата, како и регулирање на управувањето со ресурсите за време на кризна состојба.
ПРЕС24:  Кои според вас се клучните сегменти на кои треба да се гради стабилен систем за заштита од пожари и заштита во кризни состојби? 
МОЦАНОСКИ: 1. Интегриран систем без дуплирање на надлежности; 2. Координација и комуникација 3. Јасна субординација во носењето на одлуки и едностарешинство; 5. Рационална употреба на ресурси.
ПРЕС24: Неколку години постои идеја за реорганизација на двете институции ЦУК И ДЗС во една нова институција. Дали ова може да биде добро решение и како тоа треба да сс изведе? 
МОЦАНОСКИ: При одбраната на мојот магистерски труд и на неколку меѓународни конференции приложив апликативен модел за реформа со објаснување како да биде законски и оперативно имплементиран. Многу е важно најпрво да се реши комплементарноста на законските надлежности помеѓу Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Исто така, повеќе од потребно е да се воспостави систем на флексибилна комуникација и управување со ресурсите на општините кои делуваат први на терен, како што увидовме при пожарот во Кочани. Кога ќе имаме интегриран систем ќе има постојана, брза, конкретна комуникација и временската рамка за реагирање ќе се намали затоа што обединети, на двата субјекти ќе им бидат достапни заеднички ресурси кои ќе бидат поврзани со Е-112 системот за итни повици. Покрај потребата од обединување на ЦУК и ДЗС во еден Центар за итни ситуации, потребно е на регионално ниво креирање и обединување во Единствени центри за итни ситуации во секој од сегашните регионални центри на ЦУК, со што ќе се олесни кризното комуницирање и протокот на информации и до општините затоа што ќе доаѓаат од еден центар. И секако, потребно е обезбедување заеднички локации на локално ниво (општини) со стратешки и оперативни тимови за поголема стручна, оперативна и техничка поддршка на локалното делување на ниво на општина. Таа поддршка треба да биде обезбедена од ДЗС. Искуствата во Хрватска на пример, покажуваат дека ваков систем е многу поефикасен доколку е под капа на едно министерство, кое предлагам да биде министерството за внатрешни работи.
ПРЕС24: Постарите генерации велат дека во поранешниот систем на СФРЈ постоел организациски центар за цивилна заштита. Тој систем со години е запуштен и денеска практично е нефункционален. Корисна ли е некаква таква форма? 
МОЦАНОСКИ: Системот за цивилна заштита на поранешната СФРЈ е робусен модел. Кога ќе земеме во предвид колкава територија покривал, нудел стратешка и оперативна стабилност, граѓаните имале доверба. Тоа се должи на фактот што бил организиран од самите локални власти на кои во социјалистичката држава никогаш не им недостасувале финансии за персонал, обуки и материјални средства. На тој начин се обезбедувало брзо и квалитетно оперативно реагирање во природните непогоди. Системот својата оперативна сила ја демонстрирал во неколку наврати во катаклизмичките земјотреси во Скопје, Бања Лука, Црна Гора и т.н. Надограден од општествената самозаштита, луѓето уште од својата младост биле обучени, подготвени и свесни за силата на природата. Во моментов имаме и онака комплексна законска основа и е многу тешко да се возобнови еден таков систем од причина што имаме многу други реформски приоритети во овој сектор кои се во степен на итност. Од тој систем можеме да земеме поука во поглед на сериозноста кон пристапот со самозаштитата која е потребно да се имплементира многу порано во образовниот процес.
ПРЕС24: Какви се европските искуства, колку Македонија како држава може да искористи такви искуства? 
МОЦАНОСКИ: Има еден интересен феномен кој можевме да го видиме со страшните поплави во Германија и Белгија, земји од кои можеме многу да научиме во поглед на управувањето со кризи. Тие земји имаат локални кризни менаџери на ниво на окрузи или самоуправни општини. Првиот контакт со природната непогода или катастрофата го имаат тие. Тие тоа го работат. Тие ја следат готовноста на локалните единици за итни и спасувачки операции. Кога во овие земји изминатиов период стана очигледно дека поплавите што се закануваа се повеќе од она со што тие би можеле да се справат, ги известуваат нивните надредени командниот синџир за итни случаи. Тука е многу важно што за кратко време, при првиот контакт со катастрофата се спасуваат најважните вредности во локалната заедница, па штетите од старт се многу помали. Во нашата држава има дуплирање на Територијалните единици на ЦУК и ДЗС, што ја отежнува комуникацијата и се губи драгоцено време. Волонтерскиот систем е очигледно многу добро решение кај нас. Не смееме да имаме граѓани кои сакаат да помогнат, а немаат кај да се обратат. Една Германија има повеќе од 1,7 милиони германски доброволци вклучени во активности за цивилна заштита. Кризните комуникации се организирани на ниво на окрузи исто така, и посебни единици ја следат и анализираат состојбата со катастрофата.
ПРЕС24: Многу анализи покажуваат дека државата има сериозен проблем со кадровскиот капацитет во противпожарните служби. Недостаток на пожарникари, но и немање обуки за млад кадар, слабо платена професија? 
МОЦАНОСКИ: Точно е дека кадровски не е исполнет законскиот минимум кај многу општини во државава и тоа доведува до нерационално трошење средства и прераспределби, па се губи време додека ресурсите се префрлат од една општина во друга. Секако фактор се платите, и никако не треба да се застане на последните зголемувања на платите на пожарникарите. Треба да се работи кон намалување на разликите во плати на пожарникарите наспорти полицијата, армијата и здравството. Она што се здравствените работници за ковид-кризата, тоа се пожарникарите во оваа кризна состојба предизвикана од пожарите низ државава. Тоа се професионалци чија работа е заштита и спасување на нашите најважни вредности во животот. Во вакви ситуации гледаме и колку е важно да имаме подготвен и воспоставен волонтерски систем и да ги следиме примерите на Германија, Хрватска, Австрија, Словенија и многу други земји. Наградите кои ги додели Владата се одлична пракса и со такви гестови ќе се охрабрат многу млади луѓе да се вклучат откако ќе биде изнајдена законска солуција за волонтерскиот систем. Мораме и ние како граѓани да бидеме разумни и свесни, да не правиме пародија од нивната маката на пожарникарите. Нема да помогнеме ако на социјални мрежи иссмеваме камион стар 40 години кој службите го користат за транспорт на вода, ќе помогнеме ако дадеме идеја, помогнеме и бидеме проактивни, а така и ќе покажеме респект кон оние во првите борбени линии со огнот.
ПРЕС24: Македонија е претежно планинска држава со најголем ризик од шумски пожари. Тие пак се и најкомплицирани за гасење. Каков концепт за интервенции во вакви ситуации е најсоодветен и што од него недостасува во Македонија? 
МОЦАНОСКИ:  Мора да се креира сеопфатна Процена на загрозеност од природни непогоди и други несреќи која ќе биде Единствена на Републичко ниво и врз основа на истата да се моделира кризниот менаџмент и управувањето со ресурсите. Тука ќе се земат факторите како општи карактеристики на подрачјата, ќе се направи проценка колкава е оспособеноста на капацитетите за заштита и спасување во единиците на локалните самоуправи и јавните претпријатија. Како што кажав, потребни се центри за кризни ситуации на регионоално и локално ниво чија работа ќе биде под директен надзор на кризни менаџери од сегашните кадри во ДЗС за да се олесни комуникацијата во командниот синџир на системот. Секако дека тука важна е и самата оспособеност на граѓаните и имплементирањето на превентивните кампањи за свеста и самозаштитата.
ПРЕС24: Дали се потребни можеби законски измени го делот на санкции и одговорност во вакви ситуации? 
МОЦАНОСКИ:  Деновивме веќе се засилени контролно-репресивните активности и уверен сум дека МВР со своите истражни капацитети ќе успее да ги утврди причините за овие катастрофи и задоволен сум од нивниот пристап, секако не смее да се заборави на соработката со локалните заедници и граѓаните за навремено пресретнување на овие појави. Пожарите предизвикаа катастрофални последици, видовме страшни слики. За обнова на шумските појаси се потребни повеќе од 30 години, нема да има животен простор за дивите животни, водите се загадуваат, почвата ерозира, се ослободуваат огромни количини јагледор диоксид. Имајќи ги во предвид овие штети, релјефните карактеристики и шумските богаства, можеби треба да се размисли за зголемување на санкциите. Сепак, сметам дека превентивните стратегии ќе дадат подобар ефект од репресивните мерки и санкции. Кампањите за подигнување на свеста во спречувањето на предизвикувањето, поттикнувањето и подметнувањето пожарите треба да бидат континуирано спроведувани, со категории од најмала, до најстара возраст кај граѓаните. Програмите треба да бидат посебно специјализирани и истите да им дадат до знаење на граѓаните за еколошката неоправданост на постапките и штетните последици по животната средина и по самите нив. Едукацијата и соодветното информирање, како и кампањите за спречување на пожарите потребно е да се спроведува и низ медиумските канали (радио, телевизија, печатени медиуми, интернет и сл.) со цел да допрат до што поголем број на популација и да опфатат повеќе категории на граѓани.
11.08.2021 - 16:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега