Meџити: Зајакнувањето на соработката со Црвениот крст ќе значи бенефит за граѓаните

 
Учеството во заеднички кампањи и здравствено превентивни активности, зајакнувањето на соработката во областа на обезбедувањето на прва помош и психо-социјална поддршка, се главните цели за кои денес Меморандум за соработка потпишаа министерот за здравство д-р Фатмир Меџити и генералниот секретар на Црвениот крст на РСМ, д-р Саит Саити.
 
Согласно меморандумот двете страни ќе спроведуваат и активности кои придонесат и за подигнување на свеста за крводарителството, унапредување на социјално – хуманитарни активности како и подготвеноста за одговор при катастрофи.
 
„Овој меморандум ќе даде значаен придонес за зајакнување на нашата соработка со Црвениот крст, а од сето тоа најголем бенифит ќе почуствуваат граѓаните. Ќе работиме на различни значајни активности кои ќе овозможат граѓаните да добијат дополнителна поддршка и едукација за различни теми, меѓу кои важноста од правилно и навремено укажување на прва помош и превенцијата заразни и незаразни акутни и хронични заболувања“, истакна Меџити на средбата.
 
Со меморандумот е предвидено воспоставување на иновативни здравствено - социјални услуги согласно потребите на различни целни групи на население, и инкорпорирање на истите во системите за здравствена и социјална заштита. Две од клучните активности во кои ќе се одвива соработката, а ги пилотира Црвениот крст на РСМ се услугата итно копче и услугата која обезбедува наменски транспорт за лица кои не се во животно загрозувачка состојба и кои не се во можност самостојно да обезбедат превоз за користење на здравствена, социјална или друга административна услуга, заради старост, болест или потешкотии при самостојно движење.
30.08.2023 - 12:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега