Медицинскиот персонал со договор на дело од Прилепската болница бара решавање на статусот

Медицинскиот персонал во Прилепската градска болница ангажиран со договор на дело  на денешната прес-конференција упати барање и апел до Министерството за здравство да го реши нивниот статус. Велат дека со години работат, и тоа во здравствена установа, а немаат здравствено осигурување.

Работиме во здравствена институција, а немаме здравствено осигурување. Некој е една, а има кои работат со договор на дело и до седум години. Никако да се реши нашиот статус, иако во почетокот на годината имаше најави. Упатуваме апел до министерот и Министерството за здравство да се реши нашиот статус, да добиеме решенија на неопределено време. Ситуацијата е неизвесна. Ние секогаш сме подготвени и продолжуваме да ги вршиме нашите обврски, да помагаме во секој момент, но бараме и нам да ни се помогне. Се надеваме дека ќе најдат слух, и Владата и пратениците, малку да се замислат и да го решат нашиот статусрече Благоја Јагуриноски, ангажиран со договор на дело во Прилепската градска болница.

Во болницата се 100-тина членови од медицинскиот персонал ангажирани со договор на дело, од кои 12 лекари. Од Болницата се огласија со соопштение во кое велат дека ги презеле сите акти и со време побарале согласности, упатувајќи апел да се реши статусот на ангажираните со договор на дело.

Побарана е согласност од Министерството за здравство и за вработување на неопределено работно време и продолжување на согласностите за договор на дело. Станува збор за лица кои се пред се наши колеги,  кои максимално професионално секојдневно си ги извршуваат своите работни обврски и задачи. ЈЗУ Општа болница со проширена дејност има реална потреба од овој кадар: лекари, медицински сестри, лаборанти, болничари и возачи во Итна помош. Апелираме до Министерството за здравство за што побрзо решавање на статусот на овие лицасе вели во соопштението упатено до медиумите од Прилепската градска болница.

 

08.02.2024 - 15:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега