Маскирана криминална група упадна на изложба на македонски уметник

 

Со маски на лицата, капчиња и качулки за да ги скријат нивните лица, група членови на Златна зора, која со судска одлука е криминална организација, упаднаа во галеријата на солунската општина Каламариа каде што е во тек изложба на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски, јави дописничката на МИА од Атина.

Во објавеното видео на т.н „Фронт на подмладокот- Златна зора“ тврдат дека „Златна зора ја запечати скопската изложба во Каламариа“, коментираат дека не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“, дека станува збор за „очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците“, а тие морале да „интервенираат“ и пред сѐ да испратат порака до грчките властите дека „ваквите провокации не остануваат без одговор“.

На влезот од галеријата залепиле плакати кои, како што велат, се однесуваат на жителите и на „неприфатливата толеранција на градоначалникот“.

-Се забранува секаква реклама или отстапување на јавен простор со пари од грчките граѓани за организации или личности како што е Сергеј Андреевски, кои ја поткопуваат грчката историја, го оспоруваат грчкиот карактер на нашата земја, ги отстапуваат нашите национални симболи и одобруваат криминал врз Грците, пишува на плакатот.

„Златна зора“ во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот Парламент, а според судската пресуда од 2020 година е криминална организација и раководството на партијата, поранешни пратеници и членови, веќе три години издржуваат затворска казна.

Изложбата „Неизложени дела на хартија“ ликовниот уметник Сергеј Андреевски во петокот беше свечено отворена во Солун, во присуство на голем број посетители, а уметникот, пренесувајќи ги неговите впечатоци за МИА, вчера истакна дека уметноста не познава граници, нејзиниот јазик е универзален.

27.04.2023 - 10:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега