Марјан од „Доказ М“ бара смена на обвинителот Рајчев: Сме имале соработка, сум објавувал негови текстови за Хајрулахи

 

Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ М“, побара изземање на обвинителот Сашо Рајчев од Вишото јавно обвинителство со тврдење дека некои од информациите за кои сега се гони му ги давал токму овој обвинител. Рајчев, пак, негира и рече дека не бил  во контакт со обвинетиот, како и дека не праќал информации. За изземањето на обвинителот, ќе треба да одлучи шефот на Вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи.

„Барам да се изземе почитуваниот обвинител Сашо Рајчев поради повеќе судири на интереси. Според мои сигурни информации, ОЈО мислам дека ќе излезе и со подетаљни информации, можеби и со обвинителен акт, лицето Рајчев ми има испраќано информации, кои се дел од предметите за кои ме судите, но и за предметите од ВЈО“, рече Стаменковски.

Судијката Татјана Дуковска побара објаснување, а Стаменковски додаде: Хајрулахи бараше извинување за информации што ги имам објавувано (во тек е постапка за клевета). Информациите ги добивав од Рајчев, телефонот е одземен од ЈО, таму се информациите. Сме имале соработка, сум објавувал негови текстови, негови информации од судот“.

Обвинителот Рајчев рече дека сè што кажал Стаменковски е невистина.

„Наводите денеска кажани се основ за клевета. Во согласност со ЗКП, по поднесено барање за изземање јавен обвинител, одлучува претпоставениот на тоа Обвинителство. По денеска изнесеното барање за изземање да постапувам по овој предмет, ќе биде одлучено во согласност со законот. Во поглед на наводите на денешниот записник, ќе наведам дека обвинетиот не го знам, ниту го познавам ниту, пак, некогаш сум комуницирал со него на кој било начин и денеска искажаните наводи се во целост невистини, а водено ќе кажам дека ниту сум го читал порталот преку кој објавувал текстови за кои денеска е обвинет и со оглед дека немам профили на социјалните мрежи, не сум го ни следел на друг начин“, изјави Рајчев.

Јавната седница пред Апелација е откога Марјан Доказ е осуден на три години и еден месец затвор.

17.05.2023 - 13:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега