Македонија и Косово разменија знаења за енергетска ефикасност

 

Работна средба за енергетска ефикасност меѓу Македонија и Косово се одржа во Приштина, соопшти Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

На средбата Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го преставуваа Елена Ивановска и Димитар Парнарџиев, а присутни на состанокот беа и генералниот директор и оперативните директори на Фондот за енергетска ефикасност, како и претставници на Канцеларијата на Светска банка во Македонија и Косово.

Целта на средбата беше размена на искуства и најдобри практики во функционирањето на фондовите за енергетска ефикасност, со посебен акцент на искуствата на фондот во Косово - КФЕЕ, кои би можеле да помогнат во имплементацијата на работните процеси на Фондот за енергетска ефикасност кој се формира во Македонија.

Претставниците на КФЕЕ ги презентираа нивните методологии за работа, статусот и начинот на формирање на програми со проекти и нивното следење, начините на финансирање, техничкиот кадар и сите аспекти поврзани со операционализацијата и функционалноста на фондот за енергетска ефикасност. Особено беше истакнато дека косовскиот фонд - КФЕЕ, основан во јануари 2019 година, успешно спроведува мерки за енергетска ефикасност во јавни и станбени згради, со поддршка од Европската унија и Светската банка.

Овој фонд во Македонија ќе има клучна улога во финансирањето и спроведувањето на проекти за енергетска ефикасност во земјата, придонесувајќи кон намалување на потрошувачката на енергија и заштита на животната средина.

Претставниците на Светската банка ја истакнаа важноста на регионалната соработка и размената на искуства во областа на енергетската ефикасност, нагласувајќи дека ваквите иницијативи се од суштинско значење за одржливиот развој и економскиот напредок на земјите од регионот, се наведува во соопштението од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.са/

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

21.01.2025 - 09:19

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега