Лондон: Уапсени шест активисти против монархијата, запленети стотици плакати со слоганот „Не е мој крал“
Шест активисти против монархијата се уапсени денес во Лондон каде се подготвувале да демонстрираат против крунисувањето на кралот Чарлс Трети, соопштија организаторите на протестот.
Портпаролот на групата Република чии стотици поддржувачи се собрале на Трафалгар сквер, на патот на кралската поворка, кажа дека полицијата уапсила шест нивни организатори и запленила стотици плакати со слоганот „Не е мој крал“ (Not my King).
Меѓу уапсените е и претседателот на групата Греам Смит, наведе групата Република на Твитер.
Собраните антимонархистички демонстранти извикувале „Ослободете го Греам Смит“.
Повеќе стотици активисти кои носеле плакати со пораките „Граѓани не поданици и „Да се укине монархијата“ се соочиле со луѓе кои ја почитуваат монархијата и им возвратиле со „Бог да го спаси кралот“.
Уапсени се и 13 активисти на еколошката група „Само сопрете ја нафтата“ во близина на рутата по која треба да помине кралската поворка, пренесува Франс прес.
Групата сакала за време на крунисувањето да протестира против експлоатацијата на нафтата.
Полицискиот функционер Кристијан Барт предупреди вчера дека демонстрациите кои го нарушуваат крунисувањето ќе бидат третирани со најниско ниво на толеранција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа