ЛК: Најостра осуда за инцидентот во болницата во Тетово, итно ќе се испита случајот

 

Лекарската комора најостро го осудува инцидентот кој се случи во болницата во Тетово во кој видео снимка од пациенти се објави на социјалните медиуми.

„Барањето за почитување на сопствените права, тргнува од почитувањето на туѓите права, во случајов правата на пациентите, затоа во најкус рок органите на Комората ќе бидат свикани да го разгледаат случајот и да преземат активности и мерки. 

Со Кодексот за медицинска деонтологија лекарите се обврзуваат дека професија ќе ја вршат совесно и одговорно, дека ќе го почитуваат човековото достоинство и правата на болните и ќе ја чуваат нивната доверба.

Лекарската комора како самостојна и професионална организација на сите доктори на медицина во нашата земја продолжува да работи на заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права на докторите на медицина, но со критички однос кон сите оние кои го рушат достоинството, угледот и интегритетот на професијата, како дејност од посебен општествен интерес. Лекарската комора нема да дозволи ваквите изолирани инциденти да бидат на товар на сите лекари кои професионално и одговорно секојдневно постапуваат и лекуваат пациенти“, стои во реакцијата на ЛК испратена до медиумите.

За потсетување, да сподели со своите фанови, доктор од болницата во Тетово се вклучил во живо на „Тик-ток“ шетајќи низ болничките ходници, снимајќи колеги и пациенти. Се слуша на видеото смеење и зборување. Раководството на болницата за повеќе медиуми потврди дека според снимката, станува збор за гинеколошкото одделение. Докторот, кој е анестезиолог, уште вчеравечер бил приведен.

„На 14.04.2023 во 23.40 часот во тетовско Одри полициски службеници го привеле В.Д. (43),постапувајќи по пријава од страна на П.В. , директор на Клиничка болница Тетово дека В.Д., вработен како анестезиолог во болницата, снимал и објавувал преку мрежата “Тик-Ток” лекарски персонал и пациенти на кои им се пружала лекарска помош“, изјавија од МВР за Прес 24.

Известен е јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

Претходно, директорот на тетовската болница Пелумб Вела. Тој го осуди непрофесионалното однесување на медициското лице.

15.04.2023 - 10:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега