Либан и Кувајт ја спуштија рампата за „Барби“, тврдат дека филмот промовира хомосексуалност
Либан, кој некогаш се сметаше за еден од најлибералните делови на Блискиот Исток, го забрани глобалниот кинохит „Барби“. Поконзервативниот Кувајт, исто така, најави дека филмот нема да се прикажува во кината бидејќи државата сака да ја зашти јавната етика и социјалната традиција.
Одлуката на Кувајт е донесена откако либанскиот министер за култура Мохамед Мортада соопшти дека државата ќе го забрани прикажувањето на филмот , а како причина наведе дека истиот ја промовира хомосексуалноста и сексуална трансформација, што е во спротивност со верските вредности.
Според странските медиуми, министерот Мортада ја ужива поддршката на милитантната група Хезболах, чиј лидер Хасан Насрала ја засили својата реторика против ЛГБТ заедницата, велејќи дека претставува непосредна закана за Либан и затоа државата мора да се соочи со неа.
Како што пренесува британски „Гардијан“, министерот побарал од либанската агенција за општа безбедност, која е под Министерството за внатрешни работи и, традиционално е одговорна за одлуките за цензура, да ги преземе неопходните мерки за да го спречи прикажувањето на филмот.
Ејмен Мана, директор на непрофитната граѓанска фондација„Самир Каси“, веднаш реагираше на ваквата одлука. Во изјава за „Ројтерс“, тој нагласи дека потегот за забрана на прикажување на филмот го заобиколил вообичаениот процес на цензура во Либан среде бран на нетрпеливост.
„Ова е дел од пошироката кампања предводена од Хезболах, христијанската крајна десница и други верски водачи во фокусирана кампања против ЛГБТ луѓето“, рече Мана.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа