Левица: Наместо лажни ветувања власта да ги реши проблемите на земјоделците
Голготата на јаболкопроизводителите продолжува и со новата влада предводена од Мицкоски. Иако пред еден месец од страна на министерот Цветан Трипуновски беше објавено дека е исплатен 30% аванс од субвенциите, реалноста е дека поголем дел од производителите не добија ниту денар и сѐ уште нема одговор кога ќе се исплатат, велат денеска од Левица.
Во продолжение соопштението во целост:
Дополнително, за сезоната 2023-2024 година беа предвидени субвенционирања од 2 денари за предадени јаболка на регистриран откупувач, мерка која не ја опфати цела сезона, туку само до 15 јануари 2024. Левица јавно го прашува министерот Трипуновски: Зошто нема мерка која ќе ги опфати производителите и количините што се предале после 15 јануари?!
Понатаму, не се исплатени субвенциите од 3 денари на 180 производители, кои предале јаболко на фирмата „Хераклеас” за сезона 2022/2023. Сведоци бевме дека министерот Трипуновски вети дека тоа ќе се исплати и дека ќе се исправи грешката која е направена, но и тие ветувања пропаднаа.
Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој дополнително го отежнува исплаќањето субвенции. Како причина за ова тие наведуваат постоење на наводни долгови на земјоделците кон други државни институции - смислена манипулација со цел одложување или евентуално откажување на земјоделците од побарувањата кои им следуваат.
Јавно ги прашуваме министерот Трипуновски и директорот на АФПЗРР, Илија Стоилев:
- Дали во буџетот има предвидено пари за исплата на сите земјоделски субвенции по сите основи заклучно со 2024 година?
- Зошто не се решаваат проблемите во регистарот на должници поради кој земјоделците кои немаат долгови не можат да ги добијат субвенциите?
- Зошто не е воведен календар за исплата на субвенции којшто ќе овозможи земјоделците да ги планираат инвестициите во посев?
Хаосот во исплатата на субвенциите воведен од СДС и Николовски не смее да продолжи со неговиот наследник од ДПМНЕ - Трипуновски. Левица повикува коалицијата на власт да покаже доблест и наместо лажни ветувања, реално да се заложи за решавање на проблемите на земјоделците.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа