Лекарска комора: Здравствените работници се најважниот капитал на здравствениот систем

 

Лекарите и другите здравствени работници се најважниот капитал на здравствениот систем што треба да се почитува, заштити, поддржи и навремено надополнува за системот да биде во кондиција, да испорачува квалитетна здравствена заштита, истакнува Лекарската комора по повод одбележување на 7 Април, Светскиот ден на здравјето.

Пандемијата предизвикана од ковид-19 покажа дека заштитата на здравјето е од фундаментално значење за одржување на сите други системи во едно општество, поради што треба да се инвестира во сите негови сегменти, особено во здравствените работници кои се сржта на тој систем. Лекарите, како основни носители на здравствената дејност, очекуваат трудот кој го вложуваат да биде соодветно валоризиран, да имаат можности за професионален раст и развој и да се чувствуваат безбедно на работните места.

Лекарската комора, како стручно здружение, води Регистар на издадени, продолжени и обновени лиценци за работа, според кој има 9.520 активни докторки лиценци. Лиценците се издаваат со период на важење од 7 години, по што се обновуваат согласно законските услови. Минатата година 435 доктори на медицина положиле стручен испит и за првпат се стекнале со лиценца за работа. Трендот на миграција на лекарите е присутен, но кај нас поголем проблем е што имаме концентрација на голем број на лекари во Скопје. Доколку се изнајдат механизми за редистрибуција на постоечкиот кадар, значително би се подобрила достапноста на медицински услуги на целата територија во државата. Сериозен притисок за наредниот период прави и старосната структура на лекарите кои сега работат, особено во одредени сегменти на здравствениот систем.

За да ги задржиме лекарите во нашата земја особено е важно и да се поедностави политиката за вработување во јавното здравство. На младите лекари неопходно е да им создадеме услови за вработување веднаш по завршување на образованието коишто ќе им гарантираат пристојни приходи, но и олеснување на условите за специјализација, за што се направија некои позитивни промени, но процесот сè уште не е завршен. Реформите во примарното здравство, исто така очекуваме да имаат позитивен импакт на ова прашање.

Комората истакнува и дека од голема важност за здравјето на пациентите, работењето на лекарите и за функционирање на системот воопшто, е да престане јавениот линч и осуда на лекарите и здравствените работници без да се има аргументи за тоа. Лекарите посветено ги извршуваат своите работни обврски и максимално се залагаат да пружат квалитетна здравствена заштита согласно расположливите услови за работа и искрено се борат за животот на секој пациент. Загубата на пациент е тежок удар за секој лекар, што никогаш не може целосно да се надмине. Треба да се има предвид и дека медицинските состојби во одредени случаи знаат да бидат многу комплицирани, болестите да не се прикажат со типични симптоми, а одговорот кој го дава третманот да не биде како што се очекува.

За да се одговори на овие предизвици, Лекарската комора го поддржува повикот на Светската здравствена организација за преземање на итна акција за регулирање на прашањето со здравствените работници и поставување на овој проблем како стратешки приоритет. Според проценките на СЗО, до 2030 година се очекува да има недостаток на 10 милиони здравствени работници ширум светот, а овој проблем особено ќе е изразен во земјите во развој.

07.04.2023 - 09:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега