Лазар Еленовски: Најдобриот пат е да не се губи време и да се оди на избори

Мислам дека САД се изморија чекајќи некој од надлежните да направи нешто во поглед на борбата со корупцијата во државата, вака поранешниот министер за одбрана и поранешен Амбасадор, Лазар Еленовски во интервју за Прес24, ја коментира одлуката на САД на црната листа да го стават Рамиз Мерко.

-Во последните неколку месеци тие пратија неколку предупредувања за состојбите во државата, но не само што не добија никаква реакција, туку напротив се разочараа дека ситуацијата со корупцијата уште повеќе ескалира, посебно по бројните скандали во судството, обвинителството, кулминирајќи со застарување на делата на истакнати поединци од претходниот режим во случаите со високата државна корупција. На нив, како и на нас, им стана јасно дека некаде позади постои подземна спрега на истакнати поединци на сегашната со претходната власт, вели Лазар Еленовски.

Според него иницијативата на САД е само почеток на процес кој треба да го завршат домашните институции, но тие не покажуваат капацитет.

ие имаме сериозен проблем со нашата влада, која во нормална држава, европска каква што сакаме да бидеме, би требала да биде носител на борбата против корупцијата. Гледајте ја нивната реакција по објавувањето на соопштението на Стејт Департментот, тие ноншалантно без никаков срам ја префрлија топката на судството. А јавна тајна е дека нашето судство е под апсолутна контрола на партиите на власт и е во функција да ја штити нивната корупција. Тоа само кажува дека тие луѓе немаат елементарно познавање, одговорност и морал, вели Еленовски во интервјуто.

Уставни измени според него тешко ќе се случат оваа година, пред се затоа што тоа е процес во кој мора да учествува опозицијата, но власта избра уште кога го прифаќаше Францускиот предлог да не ја вклучи најголемата опозициска партија.

метам дека уставните измени во овој парламентарен состав нема да се изгласаат. Освен ако не почнат да превземаат некои недемократски па и противзаконски средства кои ги видовме и во минатото и кои оставија голема црна дамка во довербата на граѓаните кон државата. Затоа најдобар пат е да не се губи непотребно време, да се оди на избори и новата влада и Собрание да ја превземат целата одговорност за европскиот пат, вели Еленовски.

Според него, следната влада ќе биде политичка, иако е можно формирање на широка влада, носпоред него уште поголема е одговорноста да избереме влада со јасен демократски капацитет и визија.

а да влезе во коштец со сите главни прашања и предизвици за државата како европската интеграција, борбата против корупцијата, градењето и јакнењето на демократските институции наместо партизацијата, новиот економски модел за забрзан економски развој, градењето на стандардите на европската социјална држава, дигитализацијата итн. За сето тоа да се придвижи треба да се вклучи и организира значаен човечки капацитет од сите полиња на животот на државата, кој за среќа се уште го имаме, потенцира Еленовски во интервјуто.

ПРЕС24: Долго најавуваната црна листа на САД го исфрли Рамиз Мерко. Не дека јавноста е изненадена за обвинувањата за корупција, можеби многу повеќе е затечена од моментот зошто Мерко?

ЕЛЕНОВСКИ: Зошто Мерко е јасно. Станува збор за моќник на партија која е 20 години на власт со бројни афери чие однесување во јавноста беше јасен симптом на залутаност од реалноста или од некаков етички кодекс.

Главното прашање според мене е зошто сега? Мислам дека САД се изморија чекајќи некој од надлежните да направи нешто во поглед на борбата со корупцијата во државата. Во последните неколку месеци тие пратија неколку предупредувања за состојбите во државата, но не само што не добија никаква реакција, туку напротив се разочараа дека ситуацијата со корупцијата уште повеќе ескалира, посебно по бројните скандали во судството, обвинителството, кулминирајќи со застарување на делата на истакнати поединци од претходниот режим во случаите со високата државна корупција. На нив, како и на нас, им стана јасно дека некаде позади постои подземна спрега на истакнати поединци на сегашната со претходната власт.

Така, бидејќи ние како држава излеговме повторно незрели да се носиме со предизвиците на државата, САД го превземаа првиот чекор. Од нас ги чекаат наредните.

ПРЕС24: Малку наивно би било да се верува дека ставањето на политичари на црната листа на САД нема политички пораки. Дали овој пат ДУИ како политичка партија е таргетот за борба против корупцијата. Во тој процес има доста логика, ако се земе нејзиното учество во власта 20 години, а од друга страна речиси и да нема политички функционер на оваа партија да е дел од некој голем судски процес за корупција. За да биде парадоксот поголем, Обвинителот за организиран криминал, барем од информациите во јавноста е во силни релации со оваа партија?

ЕЛЕНОВСКИ: Апсолутно има политичка порака. Прво, таа е дека ДУИ или нејзини истакнати поединци поминале одредена линија која не смеела да биде помината. Второ, амбасадорката Агелер најави проширување на листата, но не случајно беше избран човек од актуелната власт. Тоа е порака дека секој може да се најде на таа листа од било која политичка страна што значи дека таа листа е неселективна. Понатаму САД праќаат јасна порака дека нивната намера е вистински да се борат со корупцијата во државата односно да бидам прецизен да помогнат ние да се бориме со неа. Тоа е значајно охрабрување за сите некорумпирани политички сили, медиуми и граѓанскиот сектор во државата да се приклучат на таа борба. Ако знаеме дека корупцијата е рак рана која го разградува македонското општество таа борба треба да биде највисок приоритет за сите.

Од друга страна ние имаме сериозен проблем со нашата влада, која во нормална држава, европска каква што сакаме да бидеме, би требала да биде носител на борбата против корупцијата. Гледајте ја нивната реакција по објавувањето на соопштението на Стејт Департментот, тие ноншалантно без никаков срам ја префрлија топката на судството. А јавна тајна е дека нашето судство е под апсолутна контрола на партиите на власт и е во функција да ја штити нивната корупција. Тоа само кажува дека тие луѓе немаат елементарно познавање, одговорност и морал. Или да го парафразирам Франсис Фукујама кој вели дека ,, во земјите во развој, слабата, некомпетентна или непостоечка влада може да биде извор на сериозни проблеми за државата”.

ПРЕС24: ДУИ како политичка партија е во фокусот и на политичкиот дијалог СДСМ-ВМРО ДПМНЕ околу уставните измени. Ставот на опозицијата е широка влада може но без ДУИ во неа?

 ЕЛЕНОВСКИ: Последниот став на опозицијата колку што знам е дека не се согласуваат за никакви уставни измени и сметаат дека треба да се оддржат предвремени избори.

ПРЕС24: Околу уставните измени. Какви се Вашите проценки? Можно ли е тој процес да финишира без ВМРО ДПМНЕ?

ЕЛЕНОВСКИ: Ниту може ниту би било добро. ВМРО ДПМНЕ не е некоја маргинална партија или партија со друга визија за државата. Таа е една од двете главни партии во државата со јасна евро-атлантска определба. Цврст аргумент е исто така дека во случајот со уставните измени ставот на големо мнозинство од над 70% од граѓаните коинцидира со ставот на ВМРО ДПМНЕ.

Од друга страна сметам дека по 30 години независност и демократија ред е да научиме дека посебно за важни национални прашања треба да градиме  консензус. Тоа неискуство и отсуство на демократски капацитет видовме дека многу не чинеше во минатото. За жал истата грешка ја направи и оваа власт. Да потсетам дека власта беше целосно нетранспарентна во процесот, го криеше договорот т.н. француски предлог и без никаква консултација и договор со опозицијата, ниту со народот, односно јавноста, го потпиша договорот. Иако знаеа дека им се потребни 2/3 гласови во Парламентот што значи ќе треба да се добие поддршка и од опозицијата, тие сами потпишаа меѓународен договор со обврска за промена на Устав. На тој начин многу наивно сами превземаа меѓународна обврска која они сами не можат да ја исполнат. Сега бараат од опозицијата (и јавноста) да поддржи нешто во што не учествувале, не биле вклучени кога требало и со што не се согласуваат и затоа се обидуваат со комбинација на балканска итроштина и квазиевропска демагогија да ги натераат да влезат во процесот.

Така да сметам дека уставните измени во овој парламентарен состав нема да се изгласаат. Освен ако не почнат да превземаат некои недемократски па и противзаконски средства кои ги видовме и во минатото и кои оставија голема црна дамка во довербата на граѓаните кон државата.

Затоа најдобар пат е да не се губи непотребно време, да се оди на избори и новата влада и Собрание да ја превземат целата одговорност за европскиот пат.

ПРЕС24: Што е пореално, уставни измени или избори во септември?

ЕЛЕНОВСКИ: Не верувам дека имаме време до септември да организираме избори. Најверојатно најрано би можеле да бидат кон крајот на годината, а најрационално за државата е да бидат на пролет заедно со претседателските избори со што би се избегнале непотребни дополнителни трошоци.

ПРЕС24: Една од опциите што се споменуваат е широка влада постизборно со учество на СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, дел апбански партии без ДУИ. Што би можело да се очекува од ваква влада и дали таква Влада е логичен излез од политичката криза околу уставните измени?

ЕЛЕНОВСКИ: Наредната влада ќе биде секако политичка влада и зависно од резултатите на изборите ќе се видат можните комбинации. Не е исклучена и широка влада. Во секој случај многу важно ќе биде да добиеме стабилна влада и конечно влада со демократски капацитет која ги разбира процесите и приоритетите и има системски решенија за нив.

Следната влада ќе има голем товар на себе пред се да ја исправи државата на прав пат. Како што рековме, поддршката од нашите стратешки сојузници САД и ЕУ е јасна, оттука уште поголема е одговорноста да избереме влада со јасен демократски капацитет и визија за да влезе во коштец со сите главни прашања и предизвици за државата како европската интеграција, борбата против корупцијата, градењето и јакнењето на демократските институции наместо партизацијата, новиот економски модел за забрзан економски развој, градењето на стандардите на европската социјална држава, дигитализацијата итн. За сето тоа да се придвижи треба да се вклучи и организира значаен човечки капацитет од сите полиња на животот на државата, кој за среќа се уште го имаме.

ПРЕС24: Сличен концепт на влада направи Бугарија, иако таму точката на обединување беше проевропската агенда, наспроти руското влијание во општетсвото?

ЕЛЕНОВСКИ: Таму се обединија проевропските сили во однос на проруските што е реална состојба во соседна Бугарија. Ние во Македонија немаме таква состојба, односно руското влијание е маргинализирано. Кај нас главен проблем е неодговорна и некомпетентна влада која наместо да нуди решенија, создава проблеми.

ПРЕС24: Очекувате ли помирни дипломатски односи Скопје-Софија со новата влада во Бугарија и со завршен процес на уставни измени во Македонија?

ЕЛЕНОВСКИ: Новите влади во Македонија и Бугарија со полн мандат ќе имаат одговорност да ги подобрат непотребно нарушените релации на двата блиски народи и соседни држави. Тие влади кои се и проевропски уште на почетокот ќе треба да се договорат да комуницираат меѓу себе само со европскиот речник и стандарди, а провокациите од двете страни од националистички или проруски позиции да ги маргинализираат.

ПРЕС24: Што значи за Македонија последната резолуцијата на германскиоит Бундестаг?

ЕЛЕНОВСКИ: Како што кажав поддшката од нашите стратешки партнери ни е многу важна. Со резолуцијата Германија потврдува дека е вистински лидер во Европа, со европски дух и принципи, кој мисли за сите во европското семејство вклучително и за малите држави кои се на европскиот пат. Германија секогаш во овие 30 години била наш пријател и принципиелен поддржувач и ние треба да покажеме почит кон тоа.

Би сакал да истакнам дека прашањето за нашиот идентитет не е нешто што некој друг може да ни го даде. Ниту да ни го одземе. Како што не било одземено со векови наназад во многу потешки услови и без држава. Идентитетот е нешто со што индивидуата или групата се препознава и идентификува. Тоа е внатрешно чувство кое или го имаш или го немаш и за тоа нема дебата. Затоа отсекогаш ми била чудна оваа дебата за нашиот идентитет дека некој треба да ни гарантира нешто што ние го носиме во себе. Всушност тоа е слабост и идентитетски проблем само кај оние кои ја форсираат таа дебата.

ПРЕС24: Реално ли е да се очекува брза лента за влез во ЕУ во следните седум години, под безбедносен изговор во сенка на војната во Украина, или пак пезимизмот на екс Претседателот Бранко Црвенковски е реалистичен?

ЕЛЕНОВСКИ: Брза лента не постои за никого. Па дури ни за Украина кон која цело светско внимание е свртено по избувнувањето на војната од руската агресија. Украина инаку чека на НАТО од Самитот во Букурешт 2008 година кога сојузниците и ветија дека еден ден ќе стане членка. И се случи и војната, гледаме каква западна помош има и се уште добива, ја имаат целосната поддршка на сојузниците и за нејзината изградба по војната, и сепак нема да бидат примени во НАТО на претстојниот Самит во Вилнус следниот месец.

Оттука брза лента не постои ниту за нас. За жал такви неодговорни флоскули и ширење лажна надеж повторно доаѓаат од партиите на власт. Можете да замислите колку се неодговорни во манипулацијата кон сопствениот народ кога велат дека за седум години ќе го завршиме целиот процес, ќе ги затвориме сите поглавја кои се уште не сме ги почнале и ќе станеме членка на ЕУ, кога сите сме сведоци како во 2018 од авиончето прогласија дека преговорите за ЕУ само што не започнале. Од тогаш поминаа цели пет години, а ние сме на мртва точка.

На крај на краиштата, Македонија треба да влезе во ЕУ бидејќи таму и припаѓаме, тоа треба да го направиме за нас самите, но тоа треба да биде европска држава со изградени европски вредности и институции. Од тој идеал денес сме многу далеку.

 

24.06.2023 - 18:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега