Kутиров-Микурија: Царината во услови на кризa обезбедува континуитет на економските текови и навремено пристигнување помош и проток на стока при катастрофи

 

Царината има клучна улога во обезбедување континуитет на економските текови, како и во навремено пристигнување на помошта во услови на кризи. Ова е пораката од отворањето на тридневниот настан за улогата на Царините во помош при катастрофи во организација на Светска царинска организација и Царинската управа што се одржува од 8 до 10 март во Скопје.
На настанот организиран во рамки на проектот Ковид 19 финансиран од Владата на Јапонија се обратија генералниот секретар Кунио Микурија, директорката Славица Кутиров и советникот во амбасадата на Јапонија, Сатору Такахаши. 

Работилницата има за цел размена на позитивни искуства во услови на кризи, како и подигнување на свеста за придонесот на царините во заштитата на општествата и обезбедување на континуитет на бизнисот.

Директорката Кутиров во своето обраќање ја истакна подготвеноста и способноста на Царинската управа за справување со новите предизвици во услови на кризи.

„Изминатите три години беа вистински предизвик за Царинските управи, кога се соочивме со непредвидливоста и стравот од новите околности што се случуваат во светот. Во овие услови, на самиот почеток на пандемијата, покажавме подготвеност и способност за прилагодување во новите услови, овозможувајќи континуитет во прекуграничниот синџир на снабдување, со цел да се минимизира севкупното негативно влијание врз економиите и општествата. Зелените коридори беа воспоставени за меѓународен транспорт на чувствителни стоки, со континуирана размена на податоци пред пристигнување преку регионалниот систем SEED, овозможувајќи непречен проток на овие стоки во новите услови. Со воведување нови услуги и дигитализација на царинското работење во бесхартиена околина, ја минимизиравме потребата од физичка интеракција, а во исто време ги забрзавме процедурите и ги намаливме трошоците за економските оператори за финализирање на царинските формалности“, потенцира Кутиров.

Во своето воведно обраќање, генералниот секретар Микурија го истакна долгогодишното искуство на СЦО во помош при катастрофи, како и подготвеноста на Организацијата да продолжи да ја подигнува подготвеноста за итни случаи за да изгради поотпорни и поефикасни Царини. Тој исто така ја потенцираше важноста од соработката со партнерските меѓународни организации, другите владини агенции и засегнатите страни за да се обезбеди брза и соодветна помош на граѓаните погодени од катастрофи.

„Царината има клучна улога во навременото пристигнување на помошта во услови на кризи, и природни катастрофи“, истакна Микурија, притоа истакнувајќи ги навремените реакции на Царините во пристигнувањето на помошта во Турција. 

Свои искуства во делот на предизвиците на Царините и соодветните одговори во услови на кризи, во текот на оваа дводневна работилница ќе споделат и претставници на украинската, полската, романската, унгарската, молдавската и турската Царина.

08.03.2023 - 13:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега