Кривична против поранешниот градоначалник на Свети Николе за злоупотреба на службената положба


Поранешниот градоначалник на Свети Николе, С.В. (53) е осомничен за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и против него е поднесена кривична пријава, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Тој во 2021 година за реализација на проектот за изградба на фекална канализација во населеното место Рудина, спротивно на законските одредби и со пречекорување на своите овластувања, спровел јавна набавка и склучил договор со приватна фирма во вредност од 1.649.400 денари, а во текот на градбата бил склучен и анекс договор во вредност од 329.806 денари за непредвидени и дополнителни работи“, се наведува во соопштението на МВР.

Во исто време, во 2021 година, се додава во дописот на МВР, тој повторно спровел јавна набавка за тампонирање и чистење на улиците во Свети Николе со градежна механизација во вредност од 2.500.000 денари со друго правно лице, кое по негово одобрение, спротивно на одредбите од договорот, го ископало ровот за фекалната канализација.

„По преземените мерки било утврдено дека за проектирана вредност на фекалната канализација од 1.996.082 денари, биле платени вкупно 4.761.957 денари“, информира МВР.

22.03.2024 - 15:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега