Кривичен го ослободи Драган Даравелски: Настаната е апсолутна застареност, пресудата му се укинува
Судечкиот совет при Кривичниот суд донесе решение со кое го запира кривичниот прогон за ексдиректорот на Царина, Драган Даравелски. Според судиите, нему не може да му се суди одново бидејќи има апсолутна застареност на делото злоупотреба на службена положба и овластување. Пресудата со која доби седум години затвор – се укинува.
„Имено, по барање за повторување на постапката против обвинетиот Д.Д. (Драган Даравелски), доставено од неговиот бранител на 10.01.2023 година, за кое барање Кривичниот совет со решение КПОВ бр. 40/23 дозволи повторување на постапката, а истото решение беше потврдено од Апелациониот суд, беше формиран предмет со К.бр. 414/23 кој согласно АКМИС системот беше распредлен на понатамошно постапување. Претседателот на судечкиот совет, надовр од главен претрес, констатира дека е настапена апсолутна застареност за кривичното гонење, на дело сторено во период од 2001 до 2002 година со оглед да: Согласно член 353 ст.1 од КЗ објавен во Службен весник на 29.07.1996 год. а кој бил во важност за време на сторување на делотот, „службеното лице кое со искористување на својата службена положба или овластување ќе прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета ( став 3) ќе се казни со затвор од 1 до 10 години“. Соглансно член 107 ст.1 од истиот Закон ‘кривичното гонење не може да се преземе кога ќе поминат 10 години од извршувањето на делото“, а согласно член 108 ст.6 од истиот Закон „застареноста на кривичното гонење настапува во секој случај кога ќе помине двапат онолку време колку што се бара за застареност на кривично гонење’“, велат од Кривичен суд.
Тие велат постапувале согласно законските одредби и додаваат: „Судот утврди дека во конркетниот случај апсолутната застареност настапила на 01.12.2022 година. Против ова неправосилно решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд-Скопје“.
Пред еден месец, Даравелски излезе и од затворот „Идризово“, каде беше однесен откако го уапсија на граница. Пуштањето од установата беше по одлуката на Кривичен да се повтори постапката, иако беше извесно дека тоа значи застарување на делото.
Даравелски се гонеше за дело злоупотреба на службена положба и овластување, кое според обвинението го сторил од 1999 до 2002 година. Кривичниот законик предвидува дека за делото можат да бидат изречени максимум 10 години затвор. Застарувањето е за дваесет години, односно во 2022 година. Ова ќе значи дека Даравелски ќе се спаси од кривичен прогон, бидејќи на повторното судење ќе треба судијата да констатира дека делото е застарено.
Ексдиректорот на Царина, Даравелски, 20 години ги помина во бегство надвор од Македонија. Во Србија доби и српско државјанство. Имаше меѓународна потерница, а беше уапсен на „Табановце“. Тој беше осуден на 7 години затвор, пресуда која сега е укината.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа