Кристијан Станковски „Бомбакис“: Има многу „хиени“ наоколу, ако откријам кој ќе ми е соговорник во поткастот – веднаш ќе му се јават да гостува кај нив

Кристијан Станковски „Бомбакис“, во јавноста претпознатлив и како момчето кое испишува пораки на картони, инспириран од секојдневнието на луѓето, неодамна започна со емитување на поткасти на неговиот „Youtube“ канал. Во интервју за „Прес24“ вели дека имало многу „хиени“ наоколу, па затоа не открива кои се следните гости во неговите поткасти, пред да ги сними во студио.

 „Не би сакал да откријам, бидејќи има многу „хиени“ наоколу и кога ќе кажеш некој, веднаш му се јавуваат да гостува кај нив во поткаст, или емисија. Така да, оставете да Ве изненадам. Кога ќе биде веќе снимен поткастот, со задоволство ќе најавам. После неговото емитување нека ги викне некој друг, јас не сакам да се повторувам во однос на гости“, изјави Станковски за Прес24.

Тој во интервјуто открива дека за снимање на поткасти, потребна е соодветна опрема која чини доста пари, но признава и дека на моменти му е тешко, бидејќи како што вели, сѐ работел сам. На сите оние кои имаат исти амбиции како неговите, да започнат да снимаат на „Youtube“, им порача да бидат трпеливи, потенцирајќи во својот одговор дека успехот не доаѓа преку ноќ.

„Моја порака е да пробаат и да бидат упорни, да не се откажуваат ако нешто не оди на почетокот. Ништо не бидува преку ноќ, добро има и такви примери, но тие кратко траат. Само трпение и сѐ ќе си дојде во свое време“, изјави Станковски во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Кристијан Станковски, на јавноста познат како „Бомбакис“. Како произлезе овој псевдоним „Бомбакис“, има ли скриено значење зад себе?

СТАНКОВСКИ: Мојот прекар од дете е „Бомба“. Но, кога го креирав мојот „Инстаграм“ профил,  прво што ми падна на ум беше „Бомбакис“. Никогаш не би помислил, дека денес сите ќе ме знаат како „Бомбакис“, а не како „Бомба“. Сепак, подраг ми е прекарот „Бомба“, бидејќи ми е од дете.

ПРЕС24: На социјалните мрежи сте претпознатлив и како момчето со пораки на картоните, на кои се напишани работи од секојдневниот живот и коментари за многу ситуации во државата. Како дојдовте до идејата да ја испратите првата порака преку картон до јавноста и од каде црпите инспирација при креација на истите?

СТАНКОВСКИ: Првата порака беше испратена сосема случајно, кај мојот другар, кој сега ми е кум. Бевме во неговиот двор, пиевме кафе, а и од досада „скролавме“ на „Инстаграм“, по што го видовме Американецот кој праќа пораки на картон. И ајде, на шега, на смеа да напишеме нешто. Во тој момент инфлуенсерството беше во подвиг тука кај нас, па на кумот беше идејата да пишеме “Не сте инфлуенсери, невработени сте”. Така почна сѐ, не знаејќи дека пораката на картон масовно ќе се прошири. А денес, за пораките инспирација ми се луѓето, како и кога почнав, секогаш има што да се напише.

ПРЕС24: Неодамна почна да се емитува „Бомбакис поткаст“ на Вашиот „Youtube“ канал. Седнавте различни ликови од македонската јавна сцена во студиото, кои отворено говорат за нивниот живот и ситуациите низ кои ги поминале, добри и лоши. Која е целта на поткастот, што сакате со него да ѝ доловите на македонската публика?

СТАНКОВСКИ: Поткасти следам многу одамна, пред да бидат актуелни кај нас. Одамна стои идејата да си направам свој, бидејќи некако таму се гледам. Пречка беше опремата, и сѐ уште е, но решив какви-такви, морам да ги направам поткастите. Беше присутна желбата, инаетот и упорноста. Целта на поткастот е да откриеме нешто повеќе за познатите личности, да извлечеме некои поуки, да дадеме мотивација на другите, да знаат луѓето дека може да се успее во животот, почнувајќи од нула. И воедно да им понудиме на луѓето нешто интересно за гледање, да ги тргнеме од секојдневните грижи, стресови, нервози и она што го нудат нашите телевизии.

ПРЕС24: Како ново лице и на „Youtube“ сцената, колку е тешко да се добијат македонски јавни личности, односно да стапите со нив во контакт, дали сите се расположени да говорат за својата животна приказна или пак можеби некој досега одбил да гостува во Вашиот поткаст?

СТАНКОВСКИ: Па воглавно јавните личности ме познаваат од предходно, бидејќи со повеќето имаме некој картон напишано на мојот „Инстаграм“ профил. Знаат кој сум, каков сум и дека немам некоја лоша намера, да направам драма. Не го правам ова за прегледи, за бројки, туку го правам ова од љубов, за добар и квалитетен разговор.

ПРЕС24: Во последните месеци, повеќе млади личности се „пробиваат“ на „Youtube“ сцената, водат поткасти, а други имаат желба за да започнат оваа кариера. Солгасно Вашето досегашно искуство, дали останатите колеги ги гледате како конкуренција? Дали соработувате со нив? Се случило ли досега да се поклопите со исти неделни термини, доколку да, како реагирате на таа ситуација?

СТАНКОВСКИ: Мило ми е што е тоа така. Како што кажав, подобро нешто да се случува, да ја „убиеме“ монотонијата на телевизиите. Конкуренција е здраво да има, така секој пат се обидуваш да бидеш сѐ подобар и подобар. Истата воопшто не ми пречи, бидејќи јас знам кој сум, што сум и зошто сум тука-каде што сум, не може секој да биде „Бомбакис“. А кога станува збор за термините, се случило да, но сепак ова е „YouTube“, можеш да вратиш видео, да премоташ, а и си стои објавено, кој сака и го интересира може да го погледне поткастот кога и да посака.

ПРЕС24: Дали се заработува добро од „Youtube“?

СТАНКОВСКИ: Се заработува ако живееме во Америка и ако те следат Американци. :D

ПРЕС24: Колку време Ви е потребно за да реализирате еден поткаст? Што ѝ е потребно на една личност за да започне „Youtube“ канал? Дали станува збор за скапа опрема, трагање по соработници и спонзори, сериозно планирање на гости?

СТАНКОВСКИ: Може да се снима и со обичен телефон, ама луѓево ќе речат „Ееј, види го, на ништо не личи видеото“, иако разговорот во поткастот може да биде феноменален, разговор од кој што можеш многу да научиш или пак да се инспирираш за нешто. Сепак, потребна е опрема која чини доста пари. Инаку, одзема време ако се правиш сам, како што е во мојот случај, тогаш нема одмор.

ПРЕС24: Досега во „Бомбакис поткастот“ гостувале Тони Михајловски, Димитар Атанасовски, Марко Новески, Тајзи, Борко Ристовски и други македонски јавни личности. Кои други гости да ги очекуваме во следниот период?

СТАНКОВСКИ: Не би сакал да откријам, бидејќи има многу „хиени“ наоколу и кога ќе кажеш некој, веднаш му се јавуваат да гостува кај нив во поткаст, или емисија. Така да, оставете да Ве изненадам. Кога ќе биде веќе снимен поткастот, со задоволство ќе најавам. После неговото емитување нека ги викне некој друг, јас не сакам да се повторувам во однос на гостите.

ПРЕС24: Каква порака би им испратиле на сите оние кои имаат амбиции како вашите, на оние кои сакаат да отворат „Youtube“ канал, да снимаат поткасти, а не се доволно сигурни во себе?

СТАНКОВСКИ: Па, ако не пробаат нема никогаш да знаат дали би успеале или не во тоа, така да, моја порака е да пробаат и да бидат упорни, да не се откажуваат ако нешто не оди на почетокот. Ништо не бидува преку ноќ, добро има и такви примери, но тие кратко траат. Само трпение и се ќе си дојде во свое време.

Новинар: Габриела Лескова

11.04.2023 - 12:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа