Кремљ тврди дека упадот на аеродромот во Дагестан е резултат на западното мешање

 

 

Упадот на аеродромот во руската република Дагестан со мнозинско муслиманско население од страна на антиизраелска толпа во голема мера е резултат на надворешно мешање, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Настаните околу аеродромот во Махачкала (главниот град на Дагестан) синоќа беа главно резултат на надворешно мешање, вклучително и информациско влијание“, изјави Песков за новинарите.

Тој не прецизира од каде дошло наводното мешање, но лидерот на Дагестан, Сергеј Меликов, претходно, без да обезбеди докази, изјави дека немирите биле организирани од украинска територија, каде што се водат судирите меѓу Киев и Москва.

Поголема група мажи синоќа упаднаа на пистата и на терминалот на аеродромот во Махачкала, главниот град на доминантно муслиманската руска република Дагестан, по најавата за пристигнување на лет од Израел.

Инцидентот се случува во време на зголемени тензии во светот откако Израел ја почна својата кампања во Газа како одговор на крвавиот напад на палестинскиот исламистички Хамас на 7 октомври.

Песков оцени дека со телевизиските снимки од ужасите што се случуваат во Појасот Газа „злонамерните луѓе многу лесно може да ја искористат и да ја испровоцираат ситуацијата и да ги вознемират луѓето“.

Песков додаде дека рускиот претседател Владимир Путин ќе одржи состанок со министрите за одбрана и за надворешни работи за „западните обиди да ги искористи настаните на Блискиот Исток за да го подели руското општество“.

30.10.2023 - 17:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега