Ковачки: Оставка од Шекеринска и одговорност за бламот кој и го приредија на Македонија пред НАТО
Шекеринска и Пендаровски да не се кријат зад партиски соопштенија зад СДСМ и да одговорат кој и зошто ги прекршил процедурите при номинациите за воен претставник на Македонија во НАТО во Брисел. Земјата ја понижувате и срамите заради вашиот аматеризам, истакна на денешната прес-конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки.
Ова е блам пред НАТО и Шекеринска и Пендаровски треба да сносат одговорност.
Тие двајца ја понижуваат и Македонија и Алијансата, со самото тоа што две ипол години немаме наш воен претставник во НАТО. Четири години сте власт во државата, а се однесувате како да сте опозиција.
Јавноста мора веднаш да добие одговор на прашањата:
1. Дали Шекеринска знаела дека постои безбедносна пречка за лицата што ги номинирала, и ако знаела, зошто го довела во заблуда Претседателот на државата да дава согласност и да ја срами државата пред нашите сојузници?
2. Дали Пендаровски ќе побара одговорност од Шекеринска, затоа што го довела во заблуда или ќе си одмолчи и релативизира?
3. Ако не е запазена процедурата за избор, зошто не е, и кој е тој, односно таа што е над процедурите за да може да одлучува по сопствено, односно партиско убедување?
Ќе упатам и прашање и до СДСМ:
Кој ве повика да давате одговори во име на Министерството за одбрана и на Претседателот на државата? Каде почнуваат, а каде завршуваат надлежностите на партијата и каде почнуваат и каде завршуваат надлежностите на министерството?
Неодговарањето на прашањата од страна на институциите, е класично непочитување на демократските принципи за отчетност и одговорност и тоа во многу говори за капацитетот на лицето што ја води институцијата.
Бараме одговорност од Шекеринска и Пендаровски. Во секоја друга НАТО членка до сега ќе имавме оставка од министерот за одбрана.
Одговорност веднаш. Оставка на Шекеринска веднаш!, порача Ковачки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа