Ковачевски: Северна Македонија е фактор на стабилност

Денеска во касарната „Илинден“ се одржа централна свеченост за одбележување на третата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО – Алијансата.

На свеченоста се обратија претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски. 

„27ми март е денот кога Северна Македонија ја запечати својата безбедносна иднина. Момент после кој нашата стабилност не може да биде доведена под прашалник од никој. И од таа точка можеме да чекориме само напред, силно и забрзано.

Оваа годишнина не е само сеќавање на моментот кога македонското знаме се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел, иако сум сигурен дека таа слика ќе остане трајно врежана во нашето сеќавање и секогаш ќе ни предизвикува вакви силни чувства на национална гордост“, изјави премиерот Ковачевски во своето обраќање.

Тоа е момент во кој престанавме да бидеме точка на дневен ред на безбедноста, и станавме дел од масата која го создава дневниот ред за светската безбедност, додаде тој.

„Нашата национална одлука за членство во Алијансата, ги проби бариерите на партиите, религиите и народите и не’ обедини. Незначајна маргина се оние малкумина кои не се горди на овој наш успех и би сакале други алтернативи.
Убеден сум дека такво обединување имаме и околу нашите одлуки за Европската Унија.

Денеска, ние сме НАТО. Ја остваривме едногласната одлука на нашето Собрание од 1993 година и идејата на нашите претци, кои се бореа да сме еднакви со најразвиените.
Успеавме да се избориме на овој  пат со носење храбри, државнички и тешки одлуки“, изјави премиерот.

27.03.2023 - 14:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега