Ковачевски: Расте цената на тутунот, откупот почнува со над 30 проценти повисока цена

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска, во Прилеп, имаше средба со дел од земјоделците производители на тутун и го посети откупниот пункт за тутун во рамките на Тутунскиот комбинат во Прилеп.

Во согласност со податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, оваа година, како што изјави премиерот Ковачевски, откупот на тутунот почнува со зголемена откупна цена над 30 отсто во споредба со минатата година.

„Откупната цена за килограм тутун е 261 денар за разлика од лани кога била 200 денари за килограм. Ова се историски највисоки откупни цени за тутунот во последните 10 години! Ќе кажам еден податок што ја потврдува мојата констатација – а тоа е дека од 2014 година до денес откупната цена на тутунот е зголемена 115,7 проценти“, рече Ковачевски.

Како што додаде, пораст има и кај бројот на склучени договори. За реколта 2022 година склучени се 29.653 договори, што е 7 проценти повеќе од минатата година кога биле склучени 27.712 договори. Оваа година, додава Ковачевски, се очекува да се откупи околу 21.000 тони тутун, што е повеќе од 10 отсто од лани кога се откупиле 18.600 тутун.

28.11.2022 - 15:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа